Доделена повелбата „Григор Прличев“ на Славе Ѓорѓо Димоски за поемата „Денес“
Во рамки на „Прличеви беседи“, денес напладне во ЦК „Григор Прличев“ се одржа свеченост посветена на Славе Ѓорѓо Димоски кој за поемата „Денес“ е Лауреат за 2023 година.
Пред присутните пригодно обраќање имаше заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиноски.
– И по многу изминати столетија од смртта на великанот Григор Прличев македонските и светски творци на поезијата симнуваат капа пред неговиот величествен лик и неповторливите дела. Јас верувам дека секој од нас денес е почестен што е дел од оваа свеченост, а највеличествено се чувствува познатиот охридски и македонски поет Славе Ѓорѓо Димоски кој со поемата „Денес“ стана лауреат на Прличевите Беседи за 2023 година.
Продолжувајќи ги востановените прличеви традиции за пишување на жанрот Поема Ѓорѓо – Димоски уште еднаш потврди дека сите ние сме чеда на Прличев како еден од најголемите интелектуалци и преродбеници врз чиј труд се гради сето она што е духовно и креативно во Охрид.
Поемата „Денес“ нуди драгоцени созвучја со современоста, директно актуелизирајќи повеќе топоси како постхуманизам, масовен хазард, миграции и војна. Во средиштето на лирското промислување е ставена кризата на субјектот и преиспитување на идентитетот во состојба на неизвесност , запрашаност и соочување со празнината: кој (а) сум јас , чија претстава сум, можна ли е комуникација со со себе и со другите. Поемата „Денес“ донесува освежување на канонскиот модел на жанрот избегнувајќи ги архаичните обрасци и реторика.
Секое време раѓа свој Прличев, годинешниот и многуте лауреати пред него се доказ за тоа. Тие се тие кои го обмислуваат новото време, кои ја раскажуваат нашата жива автентичност во современиот Свет. За тоа сведочат и ракописите кои се натпреваруваа за престижот да се биде носител на Прличевата ловористика
Прличев е нашиот духовен водич. Затоа наградата што се доделува во негова чест, покрај тоа што ги истакнува високите вредности на културата исто така докажува дека македонскиот народ секогаш ќе има креатори и творци коишто ќе го зачуваат нашиот културен идентитет како значаен дел во светската духовна и културна ризница,
Ваквите чествувања се одлична можност повторно да си ветиме дека ќе ја чуваме нашата традиција, нашето минато кое е основа на сегашноста и здравата иднина– подвлече Божиноски.
На настанот беше врачена повелбата на поетот, есеист и преведувач Ѓорѓо – Димоски којшто имаше пригодно обраќање,а беше претставена и наградената поема „Денес“. Свое обраќање имаше и претставник од ЦК “Григор Прличев“.
WebOhrid / 05.02.2024 / Општина Охрид