23/11/2024
Охрид

Доделени дипломите на матурантите од гимназијата „Свети Климент Охридски“

На пригодна свеченост која се одржа вчера во Центарот за култура „Григор Прличев“ беа доделени дипломите на матурантите од гимназијата „Свети Климент Охридски“ од генерацијата 2021 – 2022 година.

Свое обраќање пред присутните имаше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

– Голема е честа, на овој прекрасен празник, посветен на нашиот светител и најголем учител Свети Климент Охридски, да се биде вечерва овде, на оваа свечена церемонија, за да ја прославиме титулата на зрелоста и да отвориме нова страница oд животното патување на уште една генерација млади охриѓани.

Среќен сум што заедно со сите вас можам да го почувствувам силниот интензитет на емоции, кои ја красат оваа неповторлива атмосфера.

За матурантите тоа е возбудата пред новиот почеток, за родителите тоа е радоста да ги видат своите синови и ќерки во матурска наметка, а за наставниците тоа е гордоста што успеале да ги подготват своите ученици за иднината која ги очекува.

Драги мои матуранти,

Изминатите две години не научија да ги негуваме и да им се радуваме на малите, но сепак важни аспекти во животот. Вие сте младина која се соочи и успешно се бори со еден од најголемите предизвици во историјата на човештвото. Сигурен сум дека токму ова искуство ќе ви даде самодоверба, цврсто да чекорите напред и да ја надминувате секоја препрека.

Со мојата искрена честитка за вашето матурирање, сакам да ве поттикнам неуморно да ја продолжите потрагата по знаење и да откривате нови и уникатни начини да станете најдобрата верзија од себе си. Искористете го ентузијазмот што ве опкружува и храбро осварувајте ги сите соништа. Нека вашата ѕвезда водилка биде сознанието дека сте позитивен пример и инспирација за другите. Затоа потрудете се да бидете добри луѓе, полни со човечност и вредни за почит.

Од вас очекувам успешни професионалци во многу општествени области и верувам дека вашите имиња и презимиња ќе остават значаен печат во историјата на нашиот Охрид.

Големиот писател Марк Твен рекол „Двата најважни денови во вашиот живот се денот кога сте родени и денот кога ќе сфатите зошто сте родени“. Токму затоа водете се од вашата желба и личното убедување кога ги носите сите одлуки. Нека сè во вашиот живот биде онака како што вие самите посакувате.

Во мое лично име и во името на Локалната самоуправа уште еднаш ви упатувам најсредечни честитки за вашето матурирање и посакувам заедно да прославиме уште многу ваши значајни успеси.

Нека е за многу години денешниот празник и нека е вечно името на Свети Климент!, истакна градоначалникот Пецаков во своето обраќање.


WebOhrid / 10.08.2022 / Општина Охрид