22/11/2024
Охрид

Доделени дипломите на матурантите од ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“

Со свечена настан кој се одржа вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ беа доделени дипломите на матурантите од ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ од генерацијата 2021 – 2022 година.

Во името на Локалната самоупорава пред присутните свое обраќање имаше секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

– Особено сум почестен што сум вечерва заедно со вас и што имам можност во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков, да ви упатам најсрдечни честитки и да ви посакам најубави желби по повод вашето матурирање.

Има низа моменти што остануваат врежани во нашите спомени, кои се вредни за паметење и ни будат силни емоции. Еден од тие моменти за сите вас ќе биде токму оваа свеченост, со која се означува крај на едно и почеток на друго поглавје во вашиот живот. Вие сте генерација која заслужува голема пофалба и признание бидејќи се соочивте и се изборивте со еден голем предизвик, но и покрај сите новини во наставата, вие успеавате да останете одговорни и примерни ученици.

Посакувам и во иднина да бидете носители на успешни професионални приказни, да го достигнете врвот на својот животен пат и како што рекол големиот Махатма Ганди, „бидете промената која сакате да ја видете во светот“. Секогаш настојувајте да научите уште многу повеќе, продолжете да бидете гордост на вашите родители, на вашите семејства и на целото општество. Но каде и да бидете, што и да достигнете во иднина, чувајте ги спомените од училиштето и негувајте ги другарствата кои ги имате стекнато тука, бидете полни со хуманост и секогаш споделувајте добрина.

Би сакал да упатам благодарност до наставниот кадар за целокупниот ангажман и за тоа што ги подготвивте матурантите, самоуверено да зачекорат кон високото образование, идните професионални ангажмани и новите работни места.

Покрај стандардните технички профили, по кои е препознатлив ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“, оваа година за прв пат имаме дипломирани матуранти од новиот образовен профил „Индустриска мехатроника“. Овој смер е базиран на германскиот модел на дуално стручно образование, при што посебен акцент беше ставен на практичната обука која се спроведувше во компаниите Костал, ЛТХ  Леарница и ОДВ-Електрик. Ваквиот модел на соработка е од исклучително значење за создавање на подобри услови за практична настава во техничките струки, но и за креирање на квалификуван кадар кој ќе може да одговори на потребите за стручна работна сила кои ги имаат компаниите.

Општина Охрид во континуитет е посветена на образованието, а низа значајни инвестиции беа реализирани токму во ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ со што значително ги подобривме условите за настава. Се надевам дека со ова темпо ќе продолжиме и во иднина и дека ќе може да се пофалиме со уште многу успешни генерации од потребните технички струки.

Уште еднаш ви упатувам искрени честитки за матурирањето и ви посакувам големи професионални успеси, истака Китески во своето обраќање.


WebOhrid / 30.08.2022 / Општина Охрид