26/11/2024
Македонија

Доделени првите договори за мерката „Млад земјоделец“

Заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски заедно со директорот и заменик – директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски и Ремзи Абдилахи, денеска во просториите на МЗШВ, свечено ги доделија првите договори на младите земјоделци, добитници на грант до 10.000 евра.

Финансиската поддршка е наменета за млади земјоделци на возраст до 40 години, кои имаат желба и бизнис идеја за започнување земјоделска дејност. Поддршката во форма на неповратен грант до 10.000 евра по корисник е обезбедена од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, мерка 112 „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“.

„Младите ја препознаваат можноста која им ја нуди државата, токму земјоделското производство да им биде примарен извор на егзистенција. На последниот повик за мерката 112 „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“, пристигнаа 111 апликации.  Од нив 50 апликанти ги исполнија условите и со нив ќе бидат потпишани договори за добивање финансиска поддршка во форма на неповратен грант, со вредност до 10.000 евра по корисник. Овие средства се обезбедени од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој и претставуваат иницијална поддршка од државата за младите земјоделци да можат полесно да започнат сопствен бизнис, да создадат нови брендови на пазарот, да инвестираат во нови дејности преку кои ќе ги реализираат своите идеи“ изјави заменик министерот Димковски. Тој додаде дека сите одобрени грантови, се врз основа на добри деловни планови кои имаат развојна компонента, го таргетираат домашниот пазар, користат сопствени ресурси и имаат компонента за модерно производство, со примена на добри земјоделски практики и грижа за животната средина.

Димковски им честиташе на сите добитници на грант и упати порака кон младите земјоделци, да продолжат да и веруваат на својата држава и институциите, нагласувајќи дека Министерството и Агенцијата ќе продолжат и понатаму да креираат мерки со кои ќе ги поттикнуваат младите овде, дома, да ја градат својата иднина. Тој им порача храбро и мотивирано да ги инвестираат парите со надеж дека ќе успеат да ја мултиплицираат вредноста на грантот.

Радува податокот што на последниот повик за мерката „Млад земјоделец“, подеднакво бил голем интересот и кај жените и кај мажите кои се на возраст до 40 години. Од 50 апликации дури 22 се одобрени на жени носители на земјоделското стопанство, а 28 се мажи. Тоа се млади кои се регистрирани како индивидуални земјоделци регистрирани согласно законот за вршење на земјоделска дејност и Законот за пензиско и инвалидско осигурување,  што значи дека земјоделската дејност им е главен извор за остварување на приходи.

При тоа, побарувањата за грант се од сите земјоделски гранки: млекарство, сточарство, пчеларство, овоштарство, винарство, производство на сточна храна како и набавка на земјоделска механизација.

„Овие 50 млади апликанти ќе реализираат инвестиции во сите региони на Република Северна Македонија што значи дека во повеќе делови од државава ќе се отворат нови бизниси и нови работни места.  Инвестирањето во вистинските, младите земјоделци е стратешки пристап на Владата и надлежните институции, со цел да се развива и модернизира секторот земјоделство.  Само со вложување во младите  до 40 години може да влијаеме на одливот на млади и на миграцијата село – град. “ изјави Бачовски.

Интересот на младите да започнат сопствен бизнис и тоа токму во земјоделскиот сектор, секоја година расте. Тоа е и европски тренд, кој е тесно поврзан со зголемувањето на свеста за значењето на живот во здрава и еколошка средина и препознавање на земјоделското производство како профитабилен бизнис. 

А сето ова значи дека грижата на државата преку поддршката наменета токму за нив, дава резултати!