Доделени сертификатите на учесниците на обуката “Потекло на пожар – несреќен случај или кривично дело“
Појавата на пожари, во помасовен обем е карактеристична за летниот период, но, сепак и во овој период се евидентираат пожари кои покрај значителната материјална штета, за жал земаат и човечки животи. Опасностите од пожарите несомнено колку што ја наметнуваат потребата од поефикасно превентивно делување, во уште поголема мера ја наметнуваат и потребата од брза, ефикасна и квалитетна истрага за причините кои што доведуваат до таквите појави, рече министерот Оливер Спасовски на доделувањето на сертификатите на учесниците на обуката “Потекло на пожар – несреќен случај или кривично дело“ во Центарот за обука во Идризово.
„Тоа, пак, меѓу другото, претпочита натамошно стручно и професионално надградување на кадрите во институциите надлежни за справување со пожарите и последиците од нив. Оттаму, сметам дека оваа обука што денес завршува со доделувањето на сертификати на учесниците, а што беше спроведувана од страна на француски експерти во рамки на нашите извонредни билатерални односи, партнерство и соработка со Република Франција, преку амбасадата на Франција во Република Македонија, беше повеќе од потребна“, рече Спасовски.
Оваа обука со тематски наслов “Потекло на пожар – несреќен случај или кривично дело“ ги обединува институциите надлежни за справувањето со пожарите токму во сегментот кој што треба да ги даде клучните одговори односно целосно да го заокружи процесот на детектирање на одговорноста.
„Дозволете ми во свое и во име на Министерството за внатрешни работи да упатам голема благодарност до Република Франција, односно амбасадата на Република Франција во нашата земја за континуираната помош, поддршка и соработка, во реформите на македонските институции. И се разбира да им честитам на посетителите на обуката на стекнатото знаење и искуство кои што ќе им бидат од огромна полза во натамошниот професионален ангажман“, рече Спасовски.