Додевски: Извидници ќе ја спасуваат ДЗС (Дирекција за Заштита и Спасување)
Деновиве во охридските портали, имавме прилика да прочитаме дека:
“Осумнаесет учесници од девет балкански држави (Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Албанија, Словенија и Турција) беа дел од тренинг семинарот за преживување и спасување во природа, што го организираше Сојузот на извидници на Македонија во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување на РМ, а со поддршка на Иницијативата за подготвеност за катастрофи и превенција на југоисточна Европа.”,
како и тоа дека:
“Учесниците преку интерактивни работилници имаа можност да споделат искуства и знаење од областа на трагање, преживување и спасување во планини и непристапни терени. Остварените контакти и деновите поминати заедно ќе помогнат да во иднина и во Р.Македонија се дооформат и едуцираат тимови кои што стручно и професионално и според меѓународни утврдени правила ќе можат успешно да извршуваат задачи за спасување и пронаоѓање на изгубени или настрадани лица во природата, информираат организаторите.”
Иако во целост не е јасно, кој каква улога играл и со чии пари е организиран овој “Тренинг семинар”, сепак едно е јасно, по сите случувања со затрупани патишта во последниве неколку зими, ер трактори, шумски пожари, поплави во битолско, катастрофални поплави во тетовско и скопско, кои однесоа и голем број човечки жртви, па дури и јавното прозивање од страна на Пртеседателот на државата, наместо оставки и законска одговорност за врвот од ДЗС, ние сме сведоци на забавни семинари за преживување. Очигледно Шабан и неговите “стручни” аналитичари процениле дека системот одамна ни колабира и ќе ни требаат “меѓународни вештини” за преживување и јадење корења. Жалам што во овој обид за преживување пред јавноста, се фаќаат за последната сламка извидниците, кои верувам дека наивно се впуштиле да ја играат оваа ролја како спасители на ДЗС. Ако пак е поинаку, тогаш уште повеќе жалам за извидниците, кои наместо добар пример за дисциплина и посветеност кон вистински вредности на младите, покажуваат слабост и склоност кон популизам и тоа во сфери, кои се надвор од нивното поле на делување.
Како и да е, Господа, јавноста можеби не е доволно упатена но не мислете дека е глупава, сите Ваши обиди да прикажете дека барем нешто работите, завршија во Стајковци, длабоко под тињата на дното од општеството, кое за 25 години го претворивте во ШАБАНАРИЈА која ни ја водат разни ШАБАНИ.
Од охриѓани научив една поговорка која вели “Куче ш’о јајт маст, јајт и стап”, маста во оваа држава ја излижавте до последниот молекул, Господа време е за СТАПОТ!!!
Антонио Додевски
Мал дел од македонската јавност, која ја сметате за глупава бидејќи предолго Ви молчеше
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.