Донација од 16 возила од Сојузна Република Германија
Задоволство ми е што денеска сме во Струга на примопредавањето на донацијата за македонската полиција односно Одделот за гранични работи и миграција,од Германското сојузно министерство за внатрешни работи,што уште еднаш потврдува дека во германската полиција имаме проверен партнер, рече министерот Оливер Спасовски по преземањето на 16 нови возила -“Дачија-Дастер“ во полициската станица во Струга.
„Фактот дека од 1992 година до денеска реализиравме многу проекти и со сојузното министерство за внатрешни работи и со покраинските полиции покажува каква соработка имаме со оваа пријателска држава. Сакам да му се заблагодарам на заменикот амбасадор на Сојузна Република Германија за напорите кои што ги направија за македонското МВР да ја добие оваа донација од околу 240.000 евра“-рече министерот Спасовски.
Министерот Спасовски потенцира дека Германската влада сите овие години наназад за Република Македонија претставува принципиелен пријател и поддржувач, чија што помош и поддршка се од суштинско значење не само во поглед на нашето евро-атлантско интегрирање, туку и во поглед на развојот и стабилноста на македонското општество и институции.
Заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија Марко Акватичи потенцира дека соработката меѓу двете држави односно двете полиции е одлична.
„Минатата година дониравме четири возила во Скопје и сега 16 во Струга. Германија и натаму ќе продолжи да ја поддржува Македонија“- рече Акватичи.
При посетата на полициската станица во Струга министерот Спасовски ја информира јавноста и за обновениот надворешен изглед на објектот на ПС Струга. Заменети се сите дрвени прозорци со ПВЦ прозорци и ставена е термоизолациона фасада, а во наредниот период ќе се преземат и други активности за натамошно подобрување на условите за работа на полициските службеници.
https://www.youtube.com/watch?v=YBfQLCNzu3Y