Дончев: Изразуваме најдлабоко сочувство за изгубениот млад живот на Ева Крстановска, сите мерки беа преземени соодветно на процедурите
Директорот на Фондот за здравствено исигурување на Македонија Ден Дончев денеска во Владата на Република Македонија одржа прес конференција на која ги образложи постапките и превземените чекори за упатување за лекување во странство кои се однесуваат на трагично починатата Ева Крстановска.
Директорот Дончев на почетокот изрази најдлабоко сочуство до семејството за изгубениот млад живот, и во продолжение на конференцијата за медиумите истакна:
Процедурата за упатување за лекување во странство започнува со издавање на конзилијарно мислење од Клиниката на која лицето се лекува и која не е во можност да го заврши лекувањето од било кои причини. Барањето за упатување на лекување во странство беше доставено во ФЗОМ на 25.06.2018.
Стручната служба во ФЗОМ побара понуди за прифаќање и лекување на пациентот, при што беа добиени три понуди (со прецизни профактури за цената чинење на лекувањето), две од Турски болници и една од болница во Италија. Овде сакам да нагласам дека ФЗО, уште при првичното барање на понуди, побара понуда и од германската болница Гисен, но не доби никаков одговор. Имајќи предвид дека пациентот беше во животозагрозувачка состојба, според Законот, ФЗОМ е обврзан да донесе одлука за лекување во странство во рок од 48 часа.
Потоа стручната комисија на Фондот, составена од еминентни лекари од Универзитетските клиники во Скопје, се произнесе позитивно по добиените понуди за лекување, при што е избрана болница во Турција. Решението за лекување во странство е доставено до барателот на 28.06.2018 година за спроведување на хемотерапија и алогена трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител.
Иако сите свесни дека малата Ева е во животно загрожувачка состојба, барателот, незадоволен од одлуката на стручната комисија при Фондот, поднесе приговор до второстепената комисија, со барање лекувањето да се спроведе во клиниката во Гисен, Германија со која што воспоставил личен контакт.
Стручните служби во ФЗОМ му излегоа во пресрет на барателот при што е направен директен контакт со лекарот од Германската болница, кој бил посочен од барателот. Лекарот побарал дополнителни информации за здравствената состојба на пациентот, констатирајќи дека се работи за сериозно тешка здравствена состојба, но официјална формална понуда за цената на чинење на лекувањето во болницата во Гисен Германија не била доставена никогаш до ФЗОМ.
Оттука, најостро ги демантираме сите шпекулации во јавноста дека лекувањето во Германија чинело 200,000 евра.
Од друга страна, прифатената понуда од Универзитетската клиничка болница од Газиосман Паша од 145,000 евра и одобрените трошоци за санитетски авион, го опфаќаше целокупното лекување за временски период од 150 дена. ФЗОМ има документација за секој чекор од оваа постапка и јавно и транспарентно ви стојеме на располагање за секоја информација.
Сите законски процедури кои постојат, во ФЗОМ беа целосно запазени и почитувани во овој случај, посебно земајќи предвид дека се работеше за дете, со висока итност за лекување и многу тешка здравствена состојба.
За жал, трагедијата не успеавме да ја избегнеме.