26/11/2024
Охрид

Донев: Јавноста мора да биде информирана за работата на Советот на општина Охрид

Денес се одржа прес-конференција на која говореше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, Сашо Донев.

„Јавноста мора да биде информирана за работата на Советот на општина Охрид и затоа чувствуваме потреба да ја запознаеме со некои од поважните теми од последната Седница.

Предмет на расправа, меѓу останатото, беа одлуки кои се однесуваат на образовните установи и градинката Јасна Ристеска, Извештаите за шестмесечното работење на Јавните претпријатија и т.н. легализации.

Градинката се соочува со значајно поголема бројка на дечиња кои треба да бидат згрижени од онаа што ја пропишуваат нормативите и тоа важи за сите возрасни групи. Ова е потврда дека политиките на минатата Локална самоуправа да ги зголемува капацитетите за предучилишно згрижување со отварање на групи во руралните средини (Велгошти, Пештани, Лескоец) беа оправдани (иако во тој период критикувани од тогашната опозиција во Советот). Повикавме на проактивен однос на сегашната Локална власт во иста насока, наместо големи планови за далечна иднина.

Извештаите на Јавните претпријатија повеќе или помалку ја отсликуваат реалноста, а таа е дека изостанале било какви инфраструктурни активности, со тоа изостанал и ангажман на Јавните претпријатија од страна на Општината. Некои од Јавните претпријатија во отсуство на реализирани значајни активности само трошеле на поправки и резервни делови и безмилосно ја празнат касата со ризик наскоро да кубурат за плати. РЕ „Водовод“ од Охрид и покрај драматично зголемeните фактурирани приходи за потрошена вода од цели 57% како резултат на зголемената цена, не може да излезе од негатива. Не е ни чудо, кога препријатието повторно е доведено во ситуација да вдомува партиски кадри преку агенција за времено вработување чија бројка за 6 месеци достигнала неверојатни 17 новоангажирани.

Помеѓу бројните предложени одлуки кои популарно ги нарекуваме легализации, се најдоа и две кои најблаго кажано беа крајно проблематични. Истите без никаква анализа требаше да задоволат барања на поединци за сметка на јавниот интерес, со пренамена на земјиште кое е наменето да задоволи значајни потреби на градот. За среќа овие одлуки не беа донесени и зад нив не застана ниту мнозинската советничка група. Но, тоа секако не ги амнестира од одговорност предлагачите.

И во иднина ќе продолжиме да Ве информираме за сѐ значајно од Седниците на Советот. Транспарентноста е нешто што треба да се практикува, а не за неа само да се зборува и зборува во долгите предизборни мантри кои ги слушавме.“ – истакна Донев.