22/11/2024
Охрид

Донев: Ребалансот на буџетот е уште еден докaз дека Локалната воопшто не се грижи за охриѓани

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес на Градскиот плоштад одржа прес-конференција на која говореше претседателот на Општинскиот комитет, Сашо Донев.

„Ребалансот на буџетот е уште еден докaз дека локалната власт предводена од СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески воопшто не се грижат за охриѓани.

Во услови на КОВИД-19 пандемија кратат на капитални инвестиции, инфраструктура, повторно предвидуваат 5.000.000 денари за привремени вработувања во време кога и сегашната администрација работи во специфични услови и продолжуваат со враќање стари долгови во висина од над 40.000.000 милиони денари наместо мерки за заштита на здравјето на граѓаните.

Во делот патни и дневни расходи во општинска администрација воопшто нема намалување на средствата кои си остануваат во висина од над 1.000.000 милион денари.

Власта ги крати скоро сите средства во делот урбанистичко планирање за изработка на просторни и урбанистички планови.

Дали тоа ќе значи дека нема да се спроведува барем ни најмала подготовка за најосновните тековни активности коишто ги засегаат проблемите на граѓаните?

Но затоа пак локалната власт продолжува сега со зголемен интензитет на враќање на стари долгови.

Во деловите изградба на системи за водоснабдување и изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води средствата се намалуваат за над 37 милиони денари додека охриѓани плаќаат за 30% поскапа цена на вода и секојдневно се соочуваат со проблеми немајќи вода за пиење и лична хигиена, а директорот на ЈП „Водовод“ со предлог за нови 18 вработувања и негов личен возач.

СДСМ и Георгиески наместо решавање на проблемите на граѓаните, капитални инвестиции, инфраструктура и канализација парите ќе ги трошат за партиски вработувања, возачи на директори и вдомување на своите послушници.“ – истакна Донев.