Донев: Во Охрид се одмораа бројни туристи, но за жал најдолго се одмораше Локалната
ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес одржа прес-конференција на која говореше претседателот на Општинскиот комитет, Сашо Донев.
„Во Охрид се одмораа бројни туристи, но за жал најдолго се одмораше Локалната самоуправа предводена од СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески.
Заборавија што сè ветија дека ќе испорачаат во Баку, на УНЕСКО, на ветувањата на oхриѓани. Се прикрија зад Акцискиот план и спокојно уживаа гледајќи дивопоставени тезги на секој агол во центарот на градот и на бучната музика која доаѓаше од терасите и шанковите на блиските плажи, за кои ниту денар и годинава нема да е исплатен ниту во локалниот, ниту во централниот буџет.
И додека во строгиот центар на градот познатите локални шерифи и коалициски партнери на локалнта власт рушеа објекти предизвикувајќи неподнослива бука и прашина, без никаква заштита и пред очите на илјадници туристи, само на стотина метри од домот на градоначалникот, дивите шанкови, платформи, тераси, бетонски станици и објекти останаа, се разбира нечепнати.
Буково си чадеше непрекинато, а се обврзааа дека до средината на наредната година ќе биде затворено и рекултивирано. Ги „занимава” и охриѓани и гостите со поставување и ваѓање на рампите, а во стариот град и натаму вриеше од автомобили од непознати сопственици. Таксистите се разбира никој не ги контролираше на кој начин ги селектираат муштериите и како им наплаќаат. Очигледно е дека ама баш никој нема намера да ги спроведува препораките на УНЕСКО. Ќе завршат со сите активности со отсранување на последнта палма и толку.
Но, време веќе немаат. Прочитани се од сите, дури и од нивните најупорни подржувачи. Нивното време завршува уште пред да почне. Неспособни се! Намерите не им се чесни! Манипулираат и си тераат бизниси! Ова мора да заврши што поскоро за доброто на сите!“ – истакна Донев.