Донев: Зоран Заев и СДСМ се луѓе без срам и перде
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, Сашо Донев денес во просториите на Општинскиот комитет одржа прес-конференција, на која истакна:
„Кога се отпочнуваше проектот нова автобуска станица, тие бесмислено го напаѓаа и критикуваа. Денес се тука горди што ќе сечат лента.
Почитувани граѓани,
Не сме сигурни и ги прашуваме господата од СДСМ, кога повеќе им беше срам, тогаш кога критикуваа дека ќе се прави нова автобуска станица за охриѓани или денес кога се нацртани сите до еден да се сликаат и да сечат лента, заборавајќи на се она што го говореа против проектот?
Затоа ќе повторам, Зоран Заев и СДСМ се луѓе без срам и перде штом денеска се тука пред охриѓани да промовираат нешто коешто не го направиле.
Новата автобуска станица е проект на ВМРО-ДПМНЕ кој отпочна изминативе години и на кој особено сме горди како партија, бидејќи охриѓани го заслужуваат и упатуваме честитки до граѓаните.
Почитувани,
Денес најверојатно пак ќе чуеме од Зоран Заев дека ова е уште еден проект кој ги приближува охриѓани кон европското семејство, проект кој патем го плукаа и критикуваа.
Но, морам да споменам неколку работи.
Да, охриѓани заслужуваат да бидат дел од европското семејство, но НЕ со урбана мафија која царува низ целиот град секогаш кога СДСМ е на власт и целиот град наликува на една огромна дивоградба.
Да, охриѓани заслужуваат да бидат дел од европското семејство, но НЕ со свесно блокирани проекти како автопатот Кичево-Охрид, Cв. Климентовиот универзитет, колекторскиот систем и многу други. Проекти кои се стопирани од СДСМ изминатава година, а се и тoa како важни за Охрид и охриѓани.
И Да, охриѓани заслужуваат да бидат дел од европското семејство, но НЕ со криминал, со корупција, со здравство кое наликува на погребално претпријатије и со судство кое е далеку од европските норми и стандарди.
Почитувани,
Вие не сте пожелни кај охриѓани. Сè што ветивте излажавте и сè што ќе ветите и малите деца знаат дека ќе излажете.
Затоа, ослободете ја Oпштината од овие канџи на луѓе кои не знаат како да ја раководат и прекинете со штетата која му ја правите на градот.
Охриѓани не ги забораваат вашите зулуми и штети кои му ги нанесувате на овој преубав град.“ – истакна Донев.