Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска во работна посета на СВР Охрид
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска денеска (14.02.), во рамки на редовните работни активности го посети Секторот за внатрешни работи Охрид, односно повеќе полициски организациони единици под надлежност на СВР Охрид, при што имаше работни средби со раководните луѓе, како во СВР Охрид така и во Одделението за внатрешни работи Кичево, Полициските одделенија Зајас и Осломеј и на Езерската полиција при Регионалниот центар за гранични работи Запад.
Во рамки на средбите дополнителниот заменик министер Петровска беше информирана околу сите тековни активности на полициските служби и во делот на безбедноста и сигурноста на граѓаните, но и во делот на подготовките околу следење и обезбедување на претстојниот изборен процес.
Притоа, како што нотираше и Петровска во својата изјава по средбата со челните луѓе на ОВР Кичево евидентно е, според сите статистички и оперативни согледувања, дека безбедносната состојба на подрачјето во надлежност на СВР Охрид е задоволувачка, стабилна што пак, особено од аспект на изборите што претстојат, е гарант дека се исполнуваат условите за одржување на мирен и фер изборен процес. Дополнително, како што нагласи Петровска, задоволува и воспоставената соработка со локалните власти што, исто така, е еден од битните предуслови во организацијата на слободни и демократски избори.
Дополнителниот заменик министер ги охрабри вработените да постапуваат исклучиво согласно законските прописи и да ги применуваат професионалните стандарди, затоа што само на тој начин ќе ја зачуваат и зголемат довербата на граѓаните кон полицијата .