26/11/2024
Охрид

Драмски театар Скопје ја носи „Странци“ на „Охридско лето“

Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со театарската претстава „Странци“ од од Филипо Болоња, во режија на Нела Витошевиќ, а во продукција на Драмски театар од Скопје.

„Странци“  е „драмомедија“ во која седумина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отвoрaјќи болни конфликтни ситуации. Истовремено се  потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себе претставување. Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Сѐ  во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со пост вистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа  емоциите и личните убедувања.

Улогата на технологијата во одредување на вистината/вистинитоста како доминанта на денешницата се потенцира и со појавувањето и откривањето на доверливи документи во глобални рамки. Дали светот стана подобро место за живеење по појавата на Викиликс? И уште еднаш, дали соочувањето со вистината од нас  (на)прави подобри луѓе?

Во претставата играат Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург е Викторија Рангелова – Петровска, сценографијата е на Костантин Трпеноски, а костимографијата ја изработи Роза Трајческа –  Ристовска. Композитор на претставата „Странци“ е Огнен Анастасовски.

Професионалната театарска режисерка Нела Витошевиќ, високото образование  и магистерските студии ги заврши на Факултетот за драмски уметности во Скопје, под менторство на професорот Слободан Унковски. Од 2011 до 2015 година работи и како демонстратор на истиот факултет, на отсекот актерска игра. Нејзината кариера успешно започнува со дипломската претстава „Чикашки перверзии“ на Дејвид Мамет, поставена и изведувана во Драмскиот театар – Скопје.  Понатаму нејзината кариера се развива со претставите „Вејка на ветерот“ и „Да тргнеме Сењор“ во Македонскиот народен театар, „Сон на летната ноќ“ и „Змејовата невеста“ во Прилепскиот театар, „Жена од минатото“ на Роланд Шимелфенинг, „Стари времиња“ од Харолд Пинтер итн. Со претставата „Змејовата невеста“, Нела ги освои и главните државни награди и признанија за театар – награда за најдобра режија и награда за најдобра претстава на Фестивалот „Војдан Чернодрински“.  Од огромно значење за нејзиниот развој како професионалец е и формирањето на нејзиниот независен театар Wonderland Theatre кој донесе свежина и поинаков пристап на независната театарска сцена во Македонија. Таа таму направи неколку претстави: „Фирма“, „5:17“, „Брод за кукли“. За претставата „Брод за кукли“ ја доби главната награда од жирото, за најдобра претстава на фестивалот МОТ. Во моментов е вработена во Македонскиот народен театар каде што ја подготвува нејзината нова претстава.

Театарската претстава „Странци“ ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.