Драстично зголемување на бројот на предмите кај медијаторите
Денеска, во организација на Комората на медијатори на Република Северна Македонија се одржа Европска конференција за медијација на тема „Медијацијата и бизнисот – со развојот на медијацијата расте бизнисот“, на која свое обраќање имаше и министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска.
Како концепт за алтернативно решавање на споровите кој во нашата држава бил воведен во 2006 година, медијацијата покажала одредени предности, но и потреби за унапредување, истакна министерката Дескоска.
Токму затоа, еден од приоритетите опфатени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година, е концептот на медијација, кој преку законски измени ќе се ревидира.
Во своето обраќање, министерката Дескоска истакна дека Министерството за правда предвидува низа активности за унапредување на медијацијата како јакнење на потребните компетенции и вештини на медијаторите, промена на системот за влез во дејноста медијатор, стимулација на примената на медијацијата во судските постапки, но, и подигнување на свеста за придобивките од медијацијата.
Според министерката Дескоска, првите резултати од определбата на Владата за унапредување на медијацијата, практицирање и промовирање на концептот на медијацијата веќе се видливи со формирањето на новата Комора на медијатори во јули 2017 година.
“Ако вкупната бројка на медијации од 2007 до 2016 година, не можеше да достигне ниту до троцифрен број, веќе од 2017 година, се забележува драстична разлика. Лиценцираните медијатори, заклучно со 10 Април 2019 година прикажаа внес на 1364 предмети во регистарот на Министерството за правда“, истакна Дескоска.
“Статистиката на Министерството за правда укажува на фактот дека страните кои влегле во постапка на медијација имаат голема шанса да го надминат спорот. Од вкупно 1364 предмети кои досега се евидентирани во регистарот на Министерството за правда, 79%, односно 1079 завршиле со спогодба“, потенцираше министерката за правда.
Анализите на правда покажуваат дека вака високиот процент пред сé, се темели на работните спорови, кои скоро 100 процентно завршуваат со постигнати спогодби, помеѓу работниците и работодавачот.
Што се однесува до стопанските спорови, Дескоска го потенцираше следниот податок: “од 395 медијации по овој основ пред медијаторите, 129 или 32,6% завршиле со постигнати спогодби и им овозможиле на страните да ги користат сите предности на медијацијата, особено избегнување на огромни финансиски издатоци.“
“Високите парнични трошоци, изгубените партнери и вработени, а пред се горчината од изгубениот или упешно добиениот спор по низа рочишта и авансирани трошоци кои неминувно доведуваат до нарушени деловни односи, сигурно не се желба на бизнис заедницата. Токму овој аспект е клучен за јакнење на бизнисот: На бизнисот му треба задоволен работник, и помали трошоци во работењето и надминувањето на спорните ситуации, односно можност да управуваат со своето време и трошоци“, истакна Дескоска.