Државниот секретар Николиќ на престижниот меѓународен безбедносен форум во Пекинг
Во периодот од 24 до 26 октомври, државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ, на покана на Министерството за одбрана на Народна Република Кина учествува на престижниот меѓународен безбедносен форум, „Beijing Xiangshan Forum“, кој обединува проминентни личности од светот на политиката, безбедноста, реномирани професори како и претставници на меѓународни и тинк – тенк организации.
Пекиншкиот безбедносен форум, во организација на Кинеската асоцијација за воена наука и Кинескиот институт за меѓународни стратегиски студии, го бележи своето осмо издание, а во фокусот оваа година е „градењето нов тип на безбедносни партнерства базирани на еднаквост, заедничка доверба и win – win соработка“.
За време на Форумот се дискутира и за новите идеи и пристапи кон меѓународното управување со безбедноста, заканите и контрамерките поврзани со тероризмот, предизвиците и соработката во мировните мисии на ОН и други теми од доменот на безбедноста и одбраната. Еден од учесниците и панелист на форумот беше и заменичката на генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер.
На маргините на форумот, државниот секретар Николиќ оствари повеќе средби со претставници од владите на државите учеснички, претставници на НАТО и високи претставници на други меѓународни организации.
За време на престојот во НР Кина, Државниот секретар беше примен од високи авторитети од кинеското Министерство за национална одбрана со кои имаше работна средба, во насока на зајакнување на билатералните односи и соработката помеѓу двете држави на полето на одбраната.