Дуке Бојаџиев вечерва на „Охридско лето“
Познатиот македонски уметник со светско реноме Дуке Бојаџиев вечерва ќе биде дел од фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“ со почеток во 22 часот, а освен него, како вокал и клавирист, ќе настапат Исмаил Лумановски на кларинет, Мартин Ѓаконовски на контрабас, Костас Анастасиадис на тапани, како и Наташа Петровиќ, вокал и нарација
Дуке Бојаџиев е македонски композитор, пијанист и продуцент кој од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон. Низ неговата интернационална кариера, Дуке има работено со добитниците на Оскар, Џонатан Деми и Денис Тановиќ, како и со Рајко Грлиќ и Столе Попов.
Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како: „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“, разни светски компилации како Буда Бар и Маракеш Експрес. Има работено со артисти како Синди Лопер и „Телепоп Мјузик“, а има настапувано во светски концертни сали меѓу кои: „Карнеги Хол“ во Њујорк, „Авалон театар“ во Лос Анџелес и на Античкиот театар во Охрид.