26/11/2024
Охрид

Ѕвездите што го отворија „Охридско лето“ во посета на дирекцијата

Светските уметници кои синоќа приредија незаборавен концерт на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ ,оперската дива Елена Мошук, извонредниот тенор Калин Братеску и маестралниот диригент Николае Молдовеану,  денеска беа во посета на фестивалската дирекција.

Уметниците се заблагодарија за гостопримливиот пречек во Охрид и беспрекорната организација на настанот за свеченото отворање, и посакаа многу успех на фестивалот и во реализацијата на останатите музичко-сценски настани на годинешното 58-мо издание. Во знак на благодарност, тие на директорката на „Охридско лето“ Сузана Вренцовска и подарија оригинална швајцарска чоколада.

Од фестивалот пак, тие добија исклучително квалитетни брендирани вина од познатата Винарија „Тиквеш“,  специјална едиција само за уметниците што настапуваат на „Охридско лето“.

Пред нивното заминување, тим од „Охридско лето“ ги прошета уметниците низ стариот дел од градот каде што ја разгледуваа староградската архитектура и културно-историските објекти, а посебно се интересираа за акустичноста и условите што им ги нуди на уметниците амбиентот на катедралната црква „Света Софија“. Оперската певица Мошук си заминува од Охрид со бисерен ѓердан изработен по познатиот бренд „Филеви“.

Големите уметници,Мошук, Братеску и Молдовеану,  иако светски популарни, сепак покажаа  дека се скромни луѓе и расположени да ја испочитуваат публиката. По завршувањето на концертот се фотографираа и ги примаа честитките од посетителите за нивниот спектакуларен настап.