23/11/2024
Македонија

Џијан Емин неделава ќе диригира на два концерти во Будимпешта во салата МУПА

Македонскиот истакнат уметник – композитор, диригент и аранжер Џијан Емин, на 4 и 5 јануари ќе настапи како диригент на два концерти во Будимпешта, во една од најпрестижните концертни сали во Унгарија, МУПА.

Џијан Емин ќе диригира на концертите насловени „Миртил-Париз симфонија“, на кои како солист ќе настапи Миртил Мишелер, една од најпознатите унгарски уметници особено во сферата на европската џез-сцена.

Емин ќе застане зад пултот со оркестарот „Данубија оркестра обуда“ и бенд од Унгарија, а програмата е составена од едни од најпознатите француски шансони, кои се изведоа и во Скопје минатата година на концертот „Париз те сакам“, по повод Денот на вљубените, во аранжман на македонскиот уметник.

Концертите се распродадени уште од пред еден месец, а ќе бидат изведени познати теми од Ив Монтан, Едит Пјаф, Мишел Легранд, Жо Дасин.

Џијан Емин изминатиот месец имаше полна агенда. Настапи како диригент и автор на музиката на настанот „Neuland – Sensorium“ кој според порталот „Риборн“ беше прогласен за Настан на годината, потоа на концертот на Здружението на џез-музичари со Македонската филхармонија под наслов „Бејби ит ис колд аутсајд“ (Baby it’s Cold Outsid), како диригент и на концертот „Филхармонија за Шпато“, на концертот „Чарли Паркер енд стрингс“ (Charlie Parker & Strings), на мултимедијалниот перформанс во соработка со „Имиџ пи ар“ и Македонската филхармонија.

Паралелно, Џијан Емин работеше и како оркестратор на музиката за најскапиот филм досега снимен во Индија заедно соРико Визард, продуцентот на „Дафт Панк“, на музика на ОскаровецотАлах-Рака Рахман.