07/02/2025
Македонија

„Еднаш свет изградив“ утревечер премиерно во Театарот за деца и младинци

Во Театарот за деца и младинци утревечер (21 март) со почеток во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата за млади „Еднаш свет изградив“, во режија на Јане Спасиќ, кој е автор и на текстот по мотиви од „Сидарта“ на Херман Хесе…

Претставата е работена низ заеднички, експериментален процес заедно со актерите од Театарот за деца и младинци(ТДМ): Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и младиот гостин Михаел Стојановски кој има само девет години. Сценографијата е на Мери Батакоја, костимите ги дизајнираше Бранкица Јордановска, композитор на музиката е Дарија Андовска, а дизајнот на светлото е на Звездан Миљковиќ.

Со оваа премиера, која е подготвена за средношколци од 15-16 години, ТДМ повторно сака да ја заживее младинската сцена зашто сега на репертоарот нема претстава наменета за тинејџери, а последната премиера беше „Заспаниот разум раѓа чудовишта“ од пред речиси три години.

„Претставата е приказна за односот меѓу татко и син, за нивните препознавања, разбирања, наоѓањето на смислата за некои одлуки што ги направил таткото во животот, дали и синот треба да го направи истото. Дали ако изборот на синот е идентичен, и неговите грешки ќе бидат идентични со тие на неговиот татко“, вели режисерот Спасиќ.

Актерот Драган Довлев, кој ќе го игра ликот на таткото, напомна дека не се работи за поставување на „Сидарта“ на Хесе, но дека претставата ги отвора егзистенцијалните прашања што ги содржи и оваа филозофска книга како што се:кој сум, што сум, каков сум бил порано, што сум сега, што ќе биде со мене во иднина, дали животот ми има смисла или треба нешто да променам, дали треба и натаму да трагам и да учам или да се задоволам со знаењата што ги имам.

ТДМ планира да го продолжи континуитетот на младинската сцена и средите од 20 часот да бидат резервирани за претстави за тинејџери и адолесценти. На репертоарот ќе бидат вратени претходните три младински премиери,„Нашиот клас’, „Заспаниот разум раѓа чудовишта“, како и Орвеловата „Животинска фарма“.
Според директорката на Театарот за деца и младинци, Катерина Илиевска-Силјановска, од технички причини и, како што рече, набиена агенда, нив сега ги нема во понудата на театарот.