25/11/2024
Македонија

Едукативна обука за спроведување при кризни состојби и масовни катастрофи

Обуката опфаќа над 100 учесници, меѓу кои здравствени работници, припадници на полицијата, армијата и противпожарната служба, кои имаат можност да ги зајакнат своите капацитети и ресурси како најважна алка за управување и справување со катастрофи. 

Воедно, целта на обуката е да се имплементираат иновациите и современите текови во развојот на здравствениот систем, во насока на зајакнување на вештините на службите за справување при кризни состојби и масовни катастрофи.

Министерството за здравство има изготвено посебен План за дејствување при кризни состојби и катастрофи. Сакам да напоменам дека тој план функционира и го применивме при неодамнешната сообраќајна несреќа кај селото Ласкарци, каде севкупниот здравствен систем беше активиран за 15 минути. Во мултисекторски пристап, Министерството за здравство со Министерството за внатрешни работи, противпожарната единица и Центарот за управување со кризи успешно се мобилизираа и ги активираа сите капацитети. Покажавме итност, координираност, подготвеност, стручност и професионалност, посочи министерот Филипче.

Министерот Филипче нагласи дека државата Израел обезбеди тим од успешни и квалитетни обучувачи, кои ќе ги пренесат своите искуства за справување во кризни ситуации преку Хипер реалистичната програма за Израелската одбранбена армија. 

Предвидено е обуките континуирано да се спроведуваат, а учесниците да стекнуваат сертификат кој овозможува во иднина тие да бидат обучувачи на кадар кој делува при катастрофи.

Воедно, министерот најави дека наскоро е предвидена голема симулациска вежба при справување со екстремни ситуации, каде учесниците од оваа обука ќе можат јавно да ги покажат своите знаења и вештини.