23/11/2024
Охрид

Ема Савеска и Стефан Трајчески – генијалци кои ја завршија комплетната Бреинобреин програма

Центарот за развивање животни вештини БОБ – Црвен крст Охрид, во јуни 2024 ја испрати и 15. генерација генијалци кои ја завршија комплетната, од десет нивоа, интернационална програма Бреинобреин.

Станува збор за учениците Ема Савеска и Стефан Трајчески.

Ема е ученичка во петто одделение во ООУ „Св.Климент Охридски“ – Охрид. Оваа година постигна одлични резултати на натпреварите од различен ранг, завршувајќи ја истата со освоени втори места на државните натпревари по природни науки и англиски јазик. Голем љубител е на спортот, посебно на ракометот и пливањето.

Стефан е ученик во шесто одделение во ООУ „Христо Узунов“ – Охрид. Негова најголема љубов се природните предмети, особено математиката. Оваа година Стефан на натпреварите освои второ место на регионалниот и трето место на државниот натпревар по математика.

Неизоставен дел од нивните награди се и многубројните освоени трофеи, златни медали на БОБ натпреварите организирани на национално и интернационално ниво.

И двајцата меѓу своите соученици се препознатливи по својата упорност, истрајност, посветеност, работливост, ненаметливост.

Тимот на БОБ – Црвен крст Охрид на Ема и Стефан им упатува искрени честитки и им порачува да продолжат да чекорат по патот на успехот, зашто успехот ги следи најхрабрите.

Центарот за развивање на животни вештини Бреинобреин – Црвен крст Охрид работи под франшизерство на Бреинобреин академијата од Ченаи, Индија од 2010 година. Во центарот се имплементира едукативна програма преку проверени и признаени едукативни техники базирани на Неуро лингвистичко програмирање (НЛП) и Абакус ментална аритметика (МА) кои го поттикнуваат мозочниот потенцијал кај деца од 4-14 годишна возраст за стекнување, развивање и потврдување на способностите за концентрација, фотографска меморија, нумерички и вербални способности, способности за учење, креативност и имагинација, лидерство, самодоверба, визуелизација, решавање на проблеми.

Оваа светски призната и докажана програма ја спроведуваат високо професионални тренери со искуство во работа со деца и обучени од страна на меѓународни инструктори.

После заслужениот летен одмор, Центарот БОБ-Црвен крст Охрид продолжува со својата работа во септември, кога се предвидени и уписи за нови деца од 4-14 годишна возраст.


WebOhrid / 27.06.2024 / Црвен крст Охрид