Емил Павлов европски шампион
Емил Павлов по втор пат во својата кариера е Европски шампион во категоријата до 60кг., откако во големото финале на континенталниот шампионат во Нови Сад, Србија, го совлада Италијанецот Анџело Крешенцо со 3-1. Павлов во текот на целиот финален меч имаше предност, која што успеа да ја задржи до самиот крај. Претходно, во главниот ждреб Павлов беше подобар од Доминик Имрих од Словачка попрв освоен поен, Холанѓанецот Јасин Ел Атар со 6-2 и Ненад Дуловиќ од Црна Гора со 3-2, а во ½ финалето го совлада Калвис Калнинс со 5-2.
Денеска свој настап имаше и Ангела Мојсовска, која во својот дебитантски настап на големите натпреварувања го освои 5. место. Во натпреварот за бронза во категоријата до 68кг. загуби од Ивона Чавар од Босна и Херцеговина со 3-0. Во петокот во главниот ждреб Мојсовска беше подобра од Ема Грех од Малта со 4-2, во второто коло по судиско изјаснување беше подобра од Викторија Исаева од Русија, а во ¼ финалето без борба го доби дуелот против Дарија Орзечовска од Полска, а во ½ финалето загуби од Ирина Заретска од Азербејџан со 7-0.