Еразмус+ образовна мобилност во Турција на ученици и наставници од ООУ „Ванчо Николески“, во рамки на проектот „Our culture, our future“
Во периодот од 13-ти до 17-ти Март 2023 година делегација од ООУ „Ванчо Николески“ присуствуваше на петтата мобилност од Еразмус+ проектот „Our culture, our future“ („Наша култура, наша иднина“), што се реализираше во Салили, Турција. Целта на оваа мобилност беше запознавање и споделување знаења и искуства за културното и историско наследство на партнер земјите, со посебен акцент на стари занаети на земјата домаќин и земјите учеснички. Тимот од четири ученици од нашето училиште (Наталија Чулческа, Викторија Апостолоска, Дамјан Димоски и Христијан Стојаноски) го водеа педагогот Весна Терзиоска и наставничката по граѓанско образование Александра Петревски. Освен претставници од нашето училиште, присуствуваа и претставници од: Корчула (Хрватска), Турција, Романија, Италија и Португалија. Учениците и наставниците имаа можност да го посетат училиштето во Салили кое е партнер во овој проект, да уживаат во турскиот фолклор, музика и традиција, како и во надалеку познатата турска традиционална кујна. Оваа посета беше исполнета со многу креативни работилници за изработка на керамички производи од вулканска почва, декорирање керамика и глина, како и водено цртање преку марблинг техника. Исто така, беа реализирани научни посети со туристички водичи на античкиот град Ефес, Храмот на Артемида, туристичкото селце Сиринче, а беше посетен и градот Измир.
За време на престојот во Турција учесниците од проектот имаа официјален прием од подрачниот министер за образование и одговорен за Еразмус+ проектите во тој регион, каде се разменија искуства за образовните системи и вклученоста во Еразмус проектите во сите земји.
На оваа мобилност учениците од нашето училиште презентираа видео изготвено специјално за оваа прилика, каде беше опишан стар занает – резбарството во Охрид. За таа цел учениците заедно со нивните ментори претходно направија истражување за резбарството во Охрид и пошироко.
Проектот „Наша култура, наша иднина“ се темели на заеднички активности и размена на искуства на оваа тема, а учениците преку запознавање на другите култури се едуцираат да ги почитуваат разликите и да градат мостови меѓу народите. Следната мобилност од овој проект е во мај 2023 во Хртватска, на островот Корчула.
ООУ „Ванчо Николески“ веќе успешно реализира два Еразмус+ проекти, а оваа година во тек е имплементација на уште три Еразмус+ проекти.
WebOhrid / 27.03.2023 / ООУ „Ванчо Николески“ Лескоец