26/11/2024
Македонија

Енергетската сиромаштија во Македонија во фокусот на ЕП

Истражувачкиот проект “Енергетска ранливост и урбани трансформации во Европа” (EVALUATE) на почетокот на оваа недела беше презентиран во Европскиот парламент како еден од 20 проекти со најголеми позитивни придобивки за европските граѓани.

Градовите од Централна и Источна Европа беа во фокусот на истражувањето на проектот, поради нивната единствена комбинација на поладна клима, високите стапки на неефикасно домување, несоодветно развиени и / или инфраструктура во распаѓање, големите разлики во приходите и економско- политичките преструктуирања.

EVALUATE е избран меѓу 230 слични истражувачки програми финансирани од Европската Унија. Во програмата на конференцијата, EVALUATE е единствениот проект од областа на општествените науки. На конференцијата се обрати претседателот на Европскиот парламент, неколку комисионери во Европската комисија, како и европски пратеници и научници – меѓу кои и добитници на Нобеловата награда.

Проектот EVALUATE започна во 2013 година и заврши во март 2018. Вкупната вредност на проектот беше 1,5 милиони евра. Вклучуваше детални теренски истражувања на енергетската сиромаштија во четири европски градови, меѓу кои и Скопје. Раководител на проектот беше професорот Стефан Бужаровски од Универзитетот во Манчестер, кој исто така е претседател на Управниот Одбор на Центарoт за истражување и информирање за животната средина “Еко-свест”.

“Еко-свест” беше клучен партнер во проектот, при што ги раководеше истражувањата со ранливи домаќинства во неколку скопски населби, организира работилници со институционалните чинители вклучени во решавање на проблемот, и издаде брошура за развојот на “паметните” градови во Македонија.

Енергетската сиромаштија во Македонија е реален проблем кој бара интегриран пристап и формирање посебни работни тела на ниво на секоја општина во кои ќе бидат вклучени стручни лица од сите релевантни области. Превземање чекори кон подобрување на состојбата во енергетската сиромаштија ќе значи и чекор напред кон решавање на проблемот со аерозагадувањето.