22/11/2024
МакедонијаРегион/Свет

Европската награда „Лукс“ за македонскиот филм „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“

Македонскиот филм „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска, ја освои 13. филмска награда „Лукс“ на Европскиот парламент. Наградата ја додели претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, за време на вчерашната свечена церемонија во европскиот законодавен дом во Стразбур.

„Ние мораме да ја искористиме можноста, преку филмовите номинирани за ‘ЛУКС’ наградата, да размислуваме за прашања како што се имиграцијата, правото на здравствена заштита, феминизмот и политичката етика. Ние сме единствениот Парламент во светот кој доделува филмска награда. Мораме да бидеме особено горди на ‘ЛУКС’ наградата на нашиот парламент, на режисерите и авторите со кои имавме привилегија да се сретнеме. Да живее слободата на изразување, да живее европското кино, да живее наградата ‘ЛУКС’!“, рече првиот европарламентарец.

Филмот „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ дава значаен придонес во феминистичката борба против конзервативните општества, раскажувајќи ја приказната за една млада невработена жена која победува во трката по светиот крст за време на православната церемонија на Водици, традиција која се смета за „машка“.

„Јас сум жена, Македонка, Европејка. Иднината на Европа лежи во солидарноста и инклузијата, а не во исклучувањето. Желбата за правда ја прави Петрунија силна. Јас сум автор кој се интересира за девијациите во општеството. Моја обврска е да го кренам гласот против неправдите. Како можеме да изградиме подобра иднина, ако не се осмелиме“, истакна режисерката Теона Стругар-Митевска.

Во своето обраќање до европратениците и европската јавност таа упати апел од името на сите автори од сите делови на Европа – да се обезбедат правата на слобода на говор и изразување.

Инаку, македонскиот филм победи во тесна конкуренција на уште два филма: документарецот „Студениот случај Хамарсџалд“ на Мадс Бругер (Данска, Норвешка, Шведска и Белгија) и „Кралството“ од Родриго Сорогојен (Шпанија и Франција). Во поширока конкуренција за оваа награда беше уште еден македонски филм – „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.