Езерската вода на крајбрежјето кај Грашница е исправна за капење
Водата во Охридското Езеро на потегот на плажите „Лабино”, „Градска плажа-Мизо” и „Партизан” е од втора категорија, што значи дека може да се користи за капење, спорт и рекреација. Ова го утврдиле последните анализи за проверка на физичкиот, хемискиот и микробиолошкиот квалитет на површинската езерска вода, кои ги изврши Центарот за јавно здравје од Охрид.
Подобрувањето на квалитетот на езерската вода се должи на активниостите кои ги презедоа службите на МЈП „Прокава” за зголемување на протокот на вода, со удвојување на капацитетот на препумпните станици кај Далјан и Подмоље, до 400 литри на вода во минута. Исто така, извршени се и санации на дел од полжните пумпи, а со помош на службите на ЈП „Нискоградба” извршено е и чистење на секундарната канализација во потегот на крајбрежјето кај Грашница.
Во текот на понатамошниот период, постојано и тековно ќе бидат преземени активности за нормално функционирање на колекторскиот систем во овој потег на Охридското крајбрежје, со цел да не се повтори состојбата со загаденост на езерската вода, која беше евидентирана во првата половина на месец јули.