02/12/2024
Македонија

ФАО го објави повикот за интерес за изработка на Физибилити студии за консолидација на земјоделското земјиште

Организацијата за храна и земјоделство на ОбединетитеНации (ФАО), го објави повикот за изразување на интерес за учество на тендер за консултантски услуги за “Физибилити студии за консолидација на земјиште во 12 консолидациони области во Македонија”. Физибилити студиите треба да ја покажат оправданоста на спроведување на консолидацијата на земјоделското земјиште во претходно идентификуваните 12 потенцијални области низ државата.

Објавувањето на јавниот повик е во рамките на проектот финансиран од Европската унија “Воведување на национална програма за консолидација на земјиште” (MAINLAND) кој го спроведува ФАО заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Со огласот се покануваат сите овластени геодетски компании кои се заинтересирани да земат учество во престојниот тендер да достават изјави за интерес според насоките и барањата дадени на следниот линк:https://www.ungm.org/Public/Notice/71062. Рокот за доставување на изјавите за интерес е 07 мај 2018 година.

Физибилити студиите ќе обезбедат детална анализа на сегашната ситуација во секое од избраните консолидациони подрачја, со особен акцент на состојбата со фрагментираноста на парцелите во дефинираното подрачје, сопственичката структура на земјиштето, обемот на земјоделско производство, моменталната состојба со руралната инфраструктура (рурални патчиња, системи за наводнување и одводнување и др.), потребите од инвестирање во рехабилитација и/или изградба, како и оправданоста за имплементирање на постапките за консолидација и значењето за понатамошниот развој на руралната заедница. Физибилити студиите исто така треба да ја потврдат подготвеноста на земјоделците, сопственици на земјоделско земјиште, активно да учествуваат во процесот.

Врз основа на анализата на ситуацијата, студиите ќе обезбедат препораки за најдобар пристап за консолидација на земјиштето во секоја од областите, а исто така ќе ги идентификуваат и приоретизираат потребните инвестиции во нови пристапни патишта и инфраструктура за наводнување и одводнување, во зависност од потребите во секоја заедница.

На почетокот на месец март, врз основа на евалуација наспроти неколку критериуми за избор, беше направен избор од 12 локални заедници со највисок потенцијал и интерес за консолидација на земјоделско земјиште, каде ќе се спроведуваат физибилити студиите. Избраните заедници се: Стојаково во Општина Богданци; Логоварди, Трн, Оптичари и Жабени во Општина Битола; Лешаниво Општина Дебарца; Чешиново, Соколарци, Спанчево и Чифлик во Општина Чешиново-Облешево; Царев Двор во Општина Ресен; и Моноспитово во Општина Струмица.

Во насока на ефикасно спроведување на активностите за консолидација на земјоделското земјиште преку воспоставување на соодветни правни механизми за учество и заштита на сопствениците на земјоделско земјиште во самиот процес е и усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за консолидација на земјоделско земјиште кој вчера беа изгласани во Собранието на РМ.

Главната цел на проектот е да се реши проблемот со фрагментираноста на земјоделското земјиште со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.