Фатени дрвокрадци од тетовско Желино кај ХЕЦ „Глобочица“
На 29-ти октомври оваа година, во 20 часот и 15 минути, поради сомнение за нелегален транспорт на огревно дрво, полициските службеници од полициската станица Струга, на регионалниот пат Струга- Дебар, во близина на ХЕЦ „Глобочица“, запреа товарно возило марка ,,МАН“ со тетовски регистарски ознаки.
Притоа, констатирано е дека возилото, управувано од М.А. (51) од тетовското село Желино, во кое се превезувале уште четири други лица сите од дебарското село Отишани, е натоварено со 24 метри просторни огревно дрво за кое, М.А. не поседувал испратница или друга соодветна документација. Полициските службеници забележале дека дрвата биле обележани со жиг а по преземени мерки, пронајден е и одземен чекан со нелегален печат од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ со кои, М.А. извршил нелегално обележување на дрвата.
Товарното возило, со огревното дрво e пренесенo во ЈП,,Шумско Стопанство-Струга“за понатамошна постапка.
По целосно документирање на случајот, полициската станица од Струга ќе поднесе соодветна кривична пријава.