Фазлиу: Буџет за поттикнување рамномерен регионален развој и намалување на непродуктивните трошоци
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на денешната прес-конференција го претстави предлог буџетот на Министерството за 2018 година.
Министерството за локална самоуправа во наредната буџетска година предлага буџет во вкупен износ од 443 милиони 594 илјади денари, кој што максимално ги има намалено непродуктивните и нерационални трошења. За сметка на тоа инвестираме во проекти за рамномерен регионален развој со кои што ќе се поттикнува развојот на планските региони, на подрачјата со специфични развојни потреби и на селата, рече министерот Фазлиу.
Средствата за проекти за рамномерен регионален развој за 2018 година, само во буџетот на Министерството за локална самоуправа се зголемени за над 60 проценти, од 131 милион на 211 милиони денари, или за 80 милиони денари повеќе во однос на буџетот за 2017 година. Ако се земат предвид и средствата од Буџетот на Бирото за регионален развој, орган во состав на Министерството, рече Фазлиу, станува збор за зголемување од 100 милиони денари или околу 70 насто повеќе средства за проекти кои што ќе имаат директно влијание на развојот на планските региони, согласно степенот на развиеност.
Врз основа на Барањето на дополнителни средства за завршување на изградбата на Плоштадот Скендербег, Владата донесе заклучок бараните средства во вредност од 125 милиони денари да бидат проектирани и предвидени во Буџетот на Министерството за локална самоуправа за 2018 година. Во предлог буџетот се планирани и тие средства, рече Фазлиу.
Министерството за локална самоуправа ќе инвестира и во проекти за прекугранична соработка. Во буџетот за 2018 година се планирани 40 милиони денари за кофинансирање на проекти, финансирани од ИПА Програмата на Европската Унија. Заради поттикнување на прекуграничната соработка и развој на пограничните региони,
Министерството за локална самоуправа ги обезбедува средствата за кофинансирање во вредност од 15 насто за секој одобрен проект, без разлика дали носител на проектот е општина, невладина организација, универзитет или друг непрофитен субјект.
Три милиони денари се наменети за имплементација на локалните акциски планови во единиците на локална самоуправа, кои што се подготвени врз основа на Стратегијата за Ромите во Република Македонија, со што Министерството за локална самоуправа ќе ги поддржи општините во мерките за социјална инклузија на ранливи групи.
Генерално, буџетот на Министерството за локална самоуправа за 2018 година е развојно поттикнувачки, во правец на намалување на развојните разлики меѓу планските региони, воедначен пристап до услугите за сите граѓани и подобрување на условите за живеење во сите општини, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.
Целосната презентација можете да ја видите на следниов линк.
https://www.youtube.com/watch?v=5Y-SdQ4isFI