22/11/2024
Македонија

Февруари со разновидна програма во културните институции во Скопје

Националните институции од областа на културата во Скопје и овој месец нудат повеќе културни настани што ќе го привлечат вниманието на посетителите. Разновидна програма се нуди во музеите, во МОБ, Македонската филхармонија, Кинотеката на Македонија и во Универзитетската библиотека „Св.Климент Охридски“…

На сцената на Македонската опера и балет на 7 февруари ќе биде изведена операта во еден чин „Кавалерија Рустикана” од  Пјетро Маскањи, под диригентската палка на Иван Еминовиќ и во режија на Џандоменико Вакари од Италија, а на 9 февруари ќе биде одиграна балетската претстава „Ла, ла, ла…!“  по кореографија на  Саша Евтимова. На 10 февруари ќе биде изведена балетската претстава „Шехерезада“, работена на музика од Николај Римски Корсаков, по кореографија на Михаил Крапивин од Русија. На сцената на МОБ на 17 февруари ќе биде изведена балетската претстава „Самсон и Далила“, на музика од Камиј Сен-Санс.

Приказната за вечната борба меѓу доброто и злото е по кореографија на гостинот од Хрватска, Роналд Савковиќ. Изведбата на популарното оперско дело во два чина од Волфанг Амадеус Моцарт „Дон Џовани“, пак, е закажана за 21 февруари, а на крајот од месецот, на 28 февруари, ќе биде изведен романтично – фантастичниот балет во два чина „Жизел“ од Адолф Адам по кореографија на Леонид Лавровски од Русија, под диригентската палка на Иван Еминовиќ.

zizel-za_web

Богата програма во февруари и на репертоарот на Македонската филхармонија.  За 7 и за 16 февруари со почеток во 20 часот во камерната сала на Македонската филхармонија се најавени концертите на „Скопски Брас квинтет“ и на гудачкиот  квартет „Нова  љубов“. Македонската филхармонија, следејќи ја традицијата, и годинава на 14  февруари  за  Денот на вљубените, подготви несекојдневен музички настан.

„Murder Ballads“ е насловен  концертот на кој ќе бидат изведени теми од славните Леонард Коен, Ник Кејв, „Портисхед“, Том Јорк, Бјорк, Ненси Синатра, Џони Кеш…, во аранжмани и под диригентство на Џијан Емин. „Вокална магија“ е следниот концерт закажан за 22 февруари на кој, под диригентство на маестро Емил Табаков од Бугарија, како солист ќе се претстави македонскиот баритон Милан Силјанов кој живее и твори во Швајцарија.

Во просториите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денес ( 6 февруари 2018)  во 12 часот  ќе се одржи промоција на каталогот за изложбата „Св. Климент низ современата уметничка призма“, а в среда (7 февруари) во 13 часот проф. д-р К. Е. Џинг од Пекиншкиот универзитет за странски јазици ќе одржи предавање на тема „Традиционалната кинеска култура и  современото кинеско општество“. На 13 февруари, пак, во 12 часот ќе биде промовирана кампањата за реализација на проектот за отворање на „Мултимедијален центар во НУБ“.

Во Музејот на современата уметност во тек се изложбите „Македонска разгледница“ и „Линеарен цртеж“, а на 28 февруари,  под кураторство на Ивана Васева, Бојана Јанева Шемова и Владимир Јанчевски, ќе биде отворена изложбата  „Биенале на млади уметници“.

До крајот на март во Археолошкиот музеј на Македонија е отворена изложбата „Централен Балкан помеѓу грчкиот и келтскиот свет Кале-Кршевица 2001 – 2011“ на Археолошкиот институт од Белград. На 23 февруари, пак, во Археолошкиот музеј ќе биде потпишан Договор за соработка на оваа институција со Археолошкиот институт „Ореа“ од Виена, Австрија.

Вечерва (6 февруари, вторник) со почеток во 20:00 ч. во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан документарниот филм Копнеж по глина“ во режија на неодамна починатиот Љупчо Тозија, филм посветен на Ресенската керамичка колонија, на авторите што престојуваат и на уметничките дела што се создаваат во неа.

Mesec_na_bugarskiot_film

Инаку во Кинотеката на Македонија со поддршка на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и Националната Филмотеката на Република Бугарија во тек е манифестацијата „Месец на Бугарски филм“. Во рамките на оваа манифестација на 8 февруари ќе биде прикажан филмот „Мајмун“ на Димитар Коцев, додека на 15 ќе  биде прикажан филмот „Слава“ на Кристина Грозева и Петар Валчанов  Филмот  „Скршнување“ на Гриша Островски и Тодор Стојанов, кандидат за венецискиот Златен лав од 1967 г., ќе биде прикажан на 22 февруари, како и петнаесетминутниот рекламен филм и најстар сочуван спот за популаризација на еден производ „Пијте само Шуменско пиво“ . Програмата продолжува на 23 февруари со документарниот филм,  „Мал – Голем“, а на 24 февруари на програмата е филмот од поновата бугарска продукција „Насоки“.

Програмата ќе биде заокружена со филмот „Мисија Лондон“ во режија на Димитар Митовски, кој ќе се прикажува на 25 февруари, и е еден од најгледаните бугарски филмови на сите времиња. Влезот за проекциите е бесплатен.