ФФМ започнува со изработка на 5 годишна стратегија за развој на женскиот фудбал
Фудбалската Федерација на Македонија со одлука на Управниот Одбор, започнува процес на изработка на специјализирана стратегија за развој на женскиот фудбал. Преку овој процес, кој се очекува да трае неколку месеци, ќе бидат опфатени сите заинтересирани страни кои директно или индиректно имаат влијание на развојот во женскиот фудбал во нашата земја. Сведоци сме дека во Европа и пошироко во светот фудбалот е најбрзо растечкиот спорт за жени, и ФФМ како институција одговорна за развојот на фудбалската игра е подготвена да држи чекор со овој тренд.
Иако, женскиот фудбал има свое важно место во десетгодишниот стратегиски план на Фудбалската Федерација на Македонија 2016-2021-2026, оценивме дека развојот на женскиот фудбал со својата важност и специфики има потреба за посебна стратегија.
„За нас како федерација важни се сите аспекти од развојот на фудбалската игра. Женскиот фудбал сѐ повеќе се наметнува како поле на дополнителен развој, и со цел да ги координираме нашите активности плански и согласно нашите потреби и можности, решени сме да изготвиме документ кој ќе претставува основа на нашата работа на ова поле во следните 5 години. Нашата цел е да изготвиме план на конкретни и спроведливи активности, а не само убав документ кој ќе стои на полица. Подготвени сме да ги вклучиме сите заинтересирани страни, со цел да бидеме сигурни дека она за што ќе се обврземе преку оваа стратегија ќе биде релевантно и ќе им помогне на сите засегнати, на сите оние кои и досега неуморно работеа на развој на женскиот фудбал“ – изјави Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.
„Женскиот фудбал е составен дел на целокупното работење на администрацијата во Федерацијата уште од почетокот на новиот милениум. Ние како фудбалска институција секогаш сме давале максимум да ги следиме европските и светските трендови на развој, и сметаме дека е дојдено вистинско време, сите овие активности и напори да ги врамиме во еден стратешки документ кој ќе преставува насока во нашето идно планско работење, кога станува збор за развојот на женскиот фудбал. Целата администрација е подготвена да даде свој придонес, а сѐ со цел да подготвиме стратегија која ќе биде спроведена во дело во следните 5 години. Сигурен сум дека сме на вистинскиот пат, ја имаме поддршката од УЕФА и ФИФА и посветеноста на врвниот менаџмент.“ – изјави менаџерот на секторот фудбал на ФФМ, Жарко Игњатовски.