Филипче: 100 илјади денари плата на лекар специјалист со дежурства во 2020 година
Министерот за здравство Венко Филипче, заедно со претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски и претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Горан Беговиќ, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа дека во текот на минатата недела е потпишан Колективен договор со кој од први февруари се зголемува коефициентот за исплата на дежурства.
Со најновите измени и дополнувања во Колективниот договор за здравствена дејност направено е значително зголемување на коефициентот на сложеност, со што се зголемува и додатокот на плата за дежурства. Со овие измени опфатен и е и помошно техничкиот персонал.
Со февруарската плата, зголемувањата се следни:
- Наставниот кадар добива 20% зголемување;
- Лекарите специјалисти 25%;
- Општите лекари 15%;
- Медицинските сестри 10%;
- Здравствените соработници 5%;
- Помошно технички персонал 5%;
„Овој договор е потпишан пред започнување со работа на техничката влада. Морам да потенцирам дека со ова зголемување на коефициентите на сложеност се зголемуваат и процентите за исплата на дежурствата. Во однос на тоа што беа во 2018 година, сега во овој момент се зголемени за 3 до 4 пати. Од месец февруари ќе бидат зголемени од 4 до 5 пати“, изјави министерот Филипче и додаде дека дежурствата претставуваат напорна, тешка работа и секаде во светот се навистина многу платени, а ние се приближуваме согласно можностите тоа да биде солидна сума на средства којшто лекарот специјалист ќе ги добие за 16 или 24 часовно дежурство.
Министерот Филипче потенцираше дека и сега на некои клиники платата достигнува 100 илјади денари.
„Веќе сега на некои клиники каде има голема комплексност, пр. хируршки клиники, со дежурствата платата достигнува 100 илјади денари. Но, од февруари на сите клиники платата ќе биде 100 илјади денари, некаде може да се надмине, а сериозно ќе се доближи помеѓу 85 и 110 илјади денари во зависност од дежурствата во општите болници ширум земјата“, истакна министерот Филипче.
Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски на денешната прес конференција, на прес-конференцијата изјави дека ова е најголемото покачување кое досега се случило во државата и е во однос на лекарите специјалисти.
„Потпишувањето на анексот на колективниот договор во делот на покачувањето на платите на здравствената дејност, конктретно на здравствените работници, медицинските соработници и помош на техничкиот персонал, е во насока на една потврда, на еден добровоспоставен социјален дијалог на Министерството за здравство, а воедно и една потврда на активностите на владата, во насока на давање на еден одреден приотитет на здравството во делот на јавниот сектор. Можам да кажам дека ова е најголемото покачување кое досега се случило во државата и е во однос на лекарите специјалисти“, рече претседателот на Каранфиловски.
Претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Горан Беговиќ истакна дека е задоволен што се успеа да се покачат платите на помошно техничкиот персонал.
„Она што би го истакнал е дека 2020 година е борба за нас да го иземеме нашиот административен персонал од останатиот административен персонал, и согласно тоа во рамките на нашиот колективен договор ги покачуваме и за нив платите. Би истакнам дека сме многу задоволни што успеавме за помошно техничкиот персонал да ги покачиме платите. Што се однесува до здравствениот персонал и докторите би бил нескромен да не кажам дека ова е големо зголемување. Во рамките на дежурствата можам да се сложам со министерот, и дека некои колеги зимаат и повеќе и секако тоа е за поздравување. Во понатомашниот период остануваме да се бориме за административниот персонал, наш, здравствен, и нашиот административен персонал да се иземе во однос на специификата на работата од останатиот административен персонал“, потенцираше претседателот Беговиќ.