26/11/2024
Македонија

Филипче: Целосно е реновиран третиот кат во старата градска болница, интензивно работиме на проектот за нова градска болница

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, утрово ја посети Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ каде целосно е реновиран третиот кат на установата, обновена е фасада, а набавени се и санитетски возила и нова медицинска опрема.

„Завршен е уште еден дел од реконструкцијата на установата, благодарение на проектот на Министерството за здравство, но и бројни општествено одговорни компании. Третиот кат од болницата е целосно реновиран, опремен со нов под, прозорци, кревети, душеци, инсталација на лифт, а обновена е и старата фасада. Ова е зграда што потекнува од 20-тите години од минатиот век. Благодарение на ангажманот на директорот и целиот стручен колегиум, пациентите добиваат подобри услови за лекување, а вработените подобри услови за работа “, потенцира министерот Филипче и додава дека истовремено интензивно се работи на проектот за нова градска болница, којашто би требало да биде лоцирана во населбата Аеродром.

Установата има и три нови санитетски возила, поради тоа што оваа болница има договор за третман на спортски повреди, заедно со фудбалската федерација, и тие се целосно опремени согласно најсовремени стандарди.

Директорот на специјалната болница д-р Љубен Арсенков информира дека од почетокот на пандемијата болницата беше одредена како установа во која ќе бидат третирани пациенти коишто не се заболени од ковид, а кои имаат потреба од хирурша услуга.

„За овие шест-седум месеци во Клиниката услуги добиле околу 65 илјади пациенти и изведени беа околу 1.200 хируршки интервенции. Тоа е се благодарение на пожртвуваноста, високопрофесионалниот однос и стручноста на медицинскиот персонал во Клиниката за хируршки болести, позната како стара Градска болница. Со задоволство можам да истакнам дека овој период се карактеризираше и со еден огромен одзив на општествено одговорни компании и поединци, коишто со свои донации, во висина од околу 400 илјади евра, придонесоа клиниката вака да изгледа. Се надеваме дека продолжувањето на реконструкцијата, предвидена од страна на Министерството за здравство во наредниот период ќе доведе до воспоставување на уште повисоки стандарди за лекување на болните, а пациентите ќе бидат позадоволни од условите во установата“, изјави директорот Арсенков.