Филипче и Адеми: Состојбата налага комбиниран пристап за наставата – онлајн и со физичко присуство како исклучоци
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за состојбата со коронавирусот, болничките капацитети и почетокот на учебната година.
„Веќе неколку недели во континуитет во нашата земја има намалување на бројот на новозаболени и починати лица и зголемување на бројот на оздравени пациенти. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 10 до 16 август се направени вкупно 11.605 тестирања, 2.062 односно 17,8 % повеќе споредено со претходната недела. Од направените 11.605 тестирања, регистрирани се 902 односно 7,8% нови позитивни случаи од 29 градови. Најголемиот дел од регистрираните случаи се од Скопје и Куманово, во другите градови се појавуваат спорадични случаи, мини кластери кои главно се должат на непочитување на превентивните мерки. Во текот на минатата недела, регистрирани се 17 смртни случаи што претставува намалување од 32 % во однос на претходната недела во истиот период. Оздравени се 1.067 лица односно 29 повеќе споредено со претходната недела. Тоа што е исто така евидентно е и намалување на процентот на вкупниот број на позитивни од вкупниот број на направени“, потенцираше министерот Филипче.
Во однос на болничките капацитети, значително е намален бројот на хоспитализации на Инфективната клиника во Скопје, болницата „8-ми Септември“, но и во останатите инфективни одделенија ширум државата. Од почетокот на август досега бројот на хоспитализации е под 400 пациенти или во просек 376 пациенти позитивни и суспектни на вирусот во сите болници во кои што ги третираат овие пациенти.
„И покрај тоа што во овој момент ситуацијата е стабилна, интензивно се подготвуваме за есенските месеци кога претпоставуваме, а претпоставуваат и многу други земји во регионот и во Европа, на северната хемисфера дека ситуацијата може да се комплицира заради тоа што е вообичаена сезона на респираторни заболувања. Дополнително, период кога и тие пациенти ги окупираат истите одделенија како и пациентите со КОВИД што се лекуваат. Во контекст на ова, уште на почетокот на летото започнавме со зајакнување и надградба на капацитетите за третман на пациенти заболени од КОВИД, како дополнување на монтажната болница до Инфективната клиника која има 70-тина кревети и во овој момент е целосно празна, но во исто време и целосно подготвена и со централен довод на кислород да прими пациенти. Уште еден монтажен објект се постави до Клиниката за пулмологија и алергологија, како мини тријажен центар и по овој модел поставуваме уште 16 регионални мини инфективни одделенија во Гевгелија, Куманово, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола и Ресен. Во овој момент проектната единица на Светската банка која е во рамките на Министерството за труд и социјална политика со нашите експерти работат на подготвителните постапки за почеток на овој процес. Овие ќе ги наречеме КОВИД центри, ќе се поставуваат во непосредна близина до болниците, за да бидат физички лесно достапни за кадарот, но и пациентите да бидат целосно одделени и болниците да останат целосно чисти за да можат и другите пациенти да добијат здравствена услуга без одлагање. При зголемувањето на капацитетите ги имаме во предвид и тековните медицински програми. Јас неколку пати кажав дека мора да се подготвуваме за полоши сценарија, но верувам дека ако доследно се придржуваме до сите превентивни мерки, носењето маска, дистанцата, хигиената, овие лоши сценарија можат да се превенираат да не се случат“, изјави министерот Филипче.
Согласно епидемиолошката состојба, министерот Филипче информираше дека на почетокот на септември се враќа здравствениот сектор во нормален режим на работа. Преку системот МојТермин сите јавно здравствени установи веќе креираат термини за прегледи и интервенции.
„Според планот што го изготвивме со Управата за електронско здравство, пациентите чии прегледи беа откажани, истите веќе ќе може да ги реализираат. Во здравствените установи почнуваат со работа специјалистички и супспецијалистички амбуланти, дијагностички кабинети, а ќе се реализираат и селективните хируршки програми кои поради состојбата со коронавирусот беа одложени. Прегледите и интервенциите ќе се спроведуваат согласно утврдениот план и протокол за работа. Во многу јавно здравствени установи практично тоа веќе функционира во однос на проверките на влезовите, мерење температура, задолжително носење заштитна опрема. ЈЗУ-ата имаат обврска за поставување дезинфициенси на влезовите како и јасни и видливи пораки за пациентите, да има одговорно лице коешто е задолжено да спроведува термален скрининг, епидемиолошка проценка и редовна контрола над примената на превентивните мерки. Во здравствената установа ќе биде дозволен влез на лица со специјалистички и супспецијалистички упат 15 минути пред закажаниот термин за преглед, при што ќе биде дозволен влез само на уште еден придружник со задолжително носење маска секогаш во болничките установи“, потенцираше министерот Филипче и апелираше до пациентите да се придржуваат до својот термин за да не се создаваат гужви пред амбулантите.
На прес-конференцијата, министерот Филипче информираше дека по анализите на МАНУ и препораките на СЗО и Европскиот центар за контрола и превенција на болести, Комисијата за заразни болести усвои нов протокол за ослободување на пациенти од изолација.
„МАНУ анализираше повеќе од 10.000 тестирања и според анализите, досегашните сознанија укажуваат на фактот дека кај пациенти кај коишто е дијагностициран SARSCoV-2 вирусот, независно од резултатот на последователното контролно тестирање, не е присутен виабилен – репликативно компетентен, односно вирус којшто може да е доволно силен за да предизвика зараза, после 10 дена од позитивниот тест кај асимптоматските, односно после 20 дена кај пациентите коишто имаат симптоми“, објасни министерот Филипче.
„Согласно новиот протокол, позитивниот тест преку лабораториите стигнува во центрите за јавно здравје и во системот МојТермин понатаму се дистрибуира до матичните лекари. Тие ќе имаат обврска, како и досега, за секојдневно електронско следење на пациентите. Притоа, укажуваат дали пациентот има или нема симптоми. Доколку пациентот е асимптоматски, на 10-от ден автоматски се генерира извештај за завршување на изолација, односно на 20-от ден кај пациентите коишто имале симптоми.“ – информираше Филипче и потенцираше дека претходните препораки коишто досега важеа кај нас, но и во многу други земји во светот за два негативни РТ/ПЦР тестови беа базирани на искуствата со SARS и MERS вирусите, заради тоа што овој вирус беше непознат. Најновите препораки ги земаат во предвид сознанијата генерирани во последните 6 месеци од оваа пандемија.
Во однос на наставата на училиштата министерот Филипче истакна дека децата треба да следат настава, но мора да бидеме максимално свесни, внимателни, да се намали ризикот од ширење на вирусот, а образовниот процес да биде безбеден по здравјето на децата, наставниот кадар, и секако семејствата на децата кои одат во училиште.
„Образовниот процес е од неспорно значење, но не смееме да го занемариме здравствениот аспект и можноста за трансмисија на вирусот во училиштата. Неколку пати укажавме дека се може да се надомести, но не и здравјето и гледано од тој аспект, имајќи ги во предвид искуствата од некои други земји, нашата препорака од Комисијата за заразни болести е училиштата да почнат со работа онлајн, со два исклучока: еден за децата од прво до трето одделение, и ова имајќи во превид дека нашата анализа покажа дека кај најмалите инциденцата е најмала, некаде околу 3,4 проценти, имаат сосем лесна форма на болеста и се практично асимптоматски носители. Сепак, по барање на родителот децата од прво до трето одделение ќе можат да ја следат целосно наставата и онлајн. По разговорите и интензивната комуникација со родителите и другите стручни лица решивме да дозволиме да има избор од родителот, а причина е тоа што во одредени семејства има родители кои се хронично болни, во висок здравствен ризик, децата се чуваат дома од повозрасни членови, баби и дедовци, кои исто така може да имаат некаква хронична болест и на тој начин семејството би било во поголем ризик. И вториот исклучок на барање на основачите или на општините, таму каде што во школите или регионалните училишта има мал број деца во класовите или мал број класови во училиштата, согласно епидемиолошката состојба да добијат дозвола наставата да ја организираат со физичко присуство“, изјави Филипче.
Во однос на протоколите, Филипче информираше дека тие се целосно усогласени и искоординирани со Министерството за образование и наука.
„Во училниците не треба да има повеќе од 20 деца, тие треба да седат на еден ипол метар дистанца, да носат маска, наставникот да биде цело време присутен со нив, да не се излегува за време на одморите, а почетокот на различни одделенија да биде со 10 минути разлика, за да не се сретнуваат многу деца на влезовите или при излезот на крајот на наставата. Наставниот кадар, училштата, сите се целосно информирани за протоколите, имавме бројни состаноци и доколку овие протоколи добро се применуваат, ризикот од ширење на заразата е минимален“, посочи Филипче.
„Освен овие два исклучока, ученици од прво до трето одделение и училишта со мал број ученици, за другите ученици наставата ќе биде онлајн со двонасочна комуникација. Продолжува да се надградува платформата Едуино.мк, на која се ставаат видеолекции и ќе има теми и материјали во согласност со наставната програма за првото полугодие и тримесечје. Во меѓувреме, со Министерството за информатичко општество и администрација се работи на унифицираната национална платформа за учење од далечина“, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми.