27/11/2024
Македонија

Филипче: Креираме фер општество за сите млади лекари, да ги вклучиме на пазарот на трудот, а со тоа и да ги задржиме во нашата земја

Министерот за здравство, Венко Филипче, учествуваше на конференцијата за јакнење на капацитетите на министерствата за проценка на фискалнoто вилјание врз структурните реформи, која се одржа денеска, во Љубљана, Словенија, во организација на Центарот за обука во финансиите (ЦЕФ).

Министерот Филипче беше панелист во сесијата на тема „Интегрирање на структурните реформи во фискална рамка“. Во неговото излагање истакна дека фокусот на Министерство за здравство по завршување на проценките од скенирањето на примарната, секундарната и терциерната здравствена заштита, ќе биде насочен кон инвестирање во човечки капитал, но и во капитални инвестиции како изградба на нови болници, подобрување на инфраструктурата и набавка на нова опрема.

Toj го презентираше и новиот проект за младите лекари кои ќе добијат шанса да се ангажираат во системот на јавното здравство. Секој лекар што ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе има можност да се вклучи во системот на Здравствените домови, да биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега.

– Посветено работиме да креираме фер општество за сите млади луѓе и да ги вклучиме на пазарот на трудот, а со тоа и да ги задржиме во нашата земја, изјави министерот Филипче.

На регионалниот дијалог за унапредување на структурните реформи и фискални рамки се дискутираше за економското управување, конкурентноста и трговијата кои се идентификувани како клучни области кои треба да се зајакнат. Клучните инструменти на политиката во овој процес се Програмите за економски реформи, вклучувајќи ги структурните реформи, со цел да го поттикнат растот и конкурентноста, истовремено обезбедувајќи фискална дисциплина и одржливост. Нивната подготовка бара силна посветеност и јасни насоки на владино ниво во врска со приоритизирањето и спроведувањето на мерките на политиката, како и нивното пресметување и финансирање на среден рок. Овој дијалог беше одлична можност да се разменат идеите и предлозите за надминување на предизвиците при планирање на финансиските средства кои требаат за реализација на реформите во нашата држава, како и зајакнување на соработката со Министерството за финансии, но и со Министерствата од целиот регион.

– Квалитетот на фискалниот дијалог помеѓу Министерството за финансии и Министерството за здравство е подобрен во изминатите две години. Особено добрата соработка со Министерството за финансии е очигледна и изразена политичка волја за структурни реформи и среднорочно фискално програмирање. За помалку од две години имаме околу 3.000 нови вработувања во здравствениот сектор. Исто така, буџетот на Министерството за здравство расте во однос на вкупниот буџет на земјата. Се зголеми буџетот за програми за вакцини, програмата за ретки болести, инсулинот, како и за капитални инвестиции и набавка на нова медицинска опрема. Со сето ова вложуваме во јавното здравство, а најголем бенефит ќе имаат граѓаните, истакна министерот Филипче.

Проектот на ЦЕФ е проект финансиран од ЕУ за периодот 2019-2021. Целта на овој проект е да обезбеди здрава и конзистентна проценка на фискалните импликации на структурните реформи во земјите од Западен Балкан и Турција.