Филипче: Покажавме дека здравствениот систем функционира и може да му се верува
Министерот за здравство Венко Филипче во вечерашното гостување во емисијата „Само Интервју“ на телевизија Канал 5 се осврна на медицинскиот кадар и болничките капацитети за третман на пациенти со Ковид-19.
Тој изјави дека капацитети во болниците кои згрижуваат пациенти со Ковид-19 има, а поголем предизвик претставува кадарот. Според него, во Скопје има 26 специјалисти по инфективна медицина, и уште толку низ другите градови низ Македонија.
„Знаејќи ја оваа состојба, уште на почетокот направивме ротација на кадарот со лекари од другите градови во земјата и од други клиники. Сите тие веќе ротираат и помагаат, пред се во болниците во Скопје каде што е и најголемиот удар“, истакна министерот Филипче.
На прашањето за стручноста на медицинските лица кои доаѓаат од другите градови да помагаат на клиниките во Скопје, Филипче најостро демантираше дека здравствените работници од внатрешноста кои се дојдени да помогнат се неспремни или нестручни.
„Она што е многу важно е дека докторите од внатрешноста се со огромен број години искуство со пациенти од областа на интерната медицина, инфектологијата, пулмологијата итн. Нивното познавање е на одлично ниво. Ваквите тврдења апсолутно ги осудувам и тврдам дека сите коишто се ангажирани во овој процес имаат одлично ниво на експертиза и знаење. Во сите инфективни одделенија низ државава имало вакви пациенти, ова е болест којашто има сериозна манифестација на белите дробови, на крвта, таа е нова болест насекаде во светот, меѓутоа пристапот, анализите, индикациите за препишување на различна терапија е нешто што се прави по сите светски протоколи и медицината базирана на докази“, потенцираше Филипче.
Тој истакна дека целиот медицински кадар вклучен во третманот и лекувањето на пациентите со Ковид-19 е исклучително професионален и искусен во својата област, нашите експерти се признати од СЗО и нивните колеги од околните земји ги упатуваат да се консултираат со нашите виролози, а здравствениот систем одлично се справува со напливот на заболени од Ковид-19.
„Покажавме дека системот функционира, и дека луѓето може да му веруваат на нашиот здравствен систем. Целокупниот наш капацитет е ангажиран во третманот на пациентите со Ковид-19, и специјалисти на инфективната клиника, интернисти и специјалисти од анестезионологијата, сите медицински лица кои директно се врзани за експертизата за третманот на пациенти болни од Ковид-19.“, рече Филипче.