Филипче: Завршена е постапката за набавка на 31 респираторна машина
Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната редовна прес-конференција информираше дека има 42 оздравени пациенти со два негативни теста на КОВИД-19 кои се во општа добра состојба.
„Од Инфективната клиника заминаа 10 оздравени пациенти, а кај 32 пациенти – 12 во Дебар и 20 во Скопје кои се лекуваа во домашни услови направени се два контролни теста и тие се исто така негативни – што значи дека пациентите се целосно оздравени и се во општо добра состојба. Ова е нешто што навистина ме радува мене лично, здравствените работници директно вклучени во процесот на лекување посебно кога се справуваме со една високо ризична болест, непредвидлива во текот. Во таа смисла секој спасен живот е огромен успех, јас посакувам на секој којшто се соочува со вирусот брзо и лесно да ја надмине оваа состојба и да има лесен тек на болеста и секако добар исход“, потенцираше министерот Филипче.
Денеска починаа шест пациенти – четворица на Инфективната Клиника над 60 годишна возраст, двајца од Лабуништа, едно лице од Прилеп и едно од Куманово како и двајца во Градската општа болница „8ми Септември“ од Велес на 67 годишна возраст и од Куманово пациент на 59 годишна возраст.
„Во однос на ново регистрираните пациенти, регистрирани се 54 новозаболени. Во Скопје 13, во Куманово 25, во Штип еден пациент, во Прилеп 10, во Тетово еден, во Велес двајца, во Гостивар еден и за прв пат еден потврден случај во Кичево. Со овие денеска потврдени новодијагностицирани пациенти вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во нашата земја е 908 лица. Досега се починати 44, излекувани се 86 и во моментот активни 778. Вкупно се направени 9262 тестови на коронавирусот. Во изминатите 24 часа направени се 710 теста. Континуирано го зголемуваме капацитетот за тестирање со тоа практично го скратуваме времето на чекање. Сѐ уште трае подготовката на двата нови капацитети во лабораторијата во МАНУ и на Институтот за судска медицина – пациентите на кои постмортем им се зема брис ќе се работат на Институтот за судска медицина, а во лабораторијата во МАНУ пациентите од болниците ширум државата“, соопшти Филипче.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, во моментов има 57 пациенти, од кои седум се на механичка вентилација, 14 се на кислородна поддршка – има доволен број на слободни респираторни машини. Во Градската општа болница „8ми Септември“ има 27 пациенти, од кои шест се на респираторна машина. Во Битола на болничко лекување има пет пациенти. Тие се во добра состојба. Кај тројца пациенти ќе биде земен првиот контролен брис со оглед на времето коешто е поминато од почетокот на болеста. Во болницата во Штип се лекуваат осум пациенти, повеќето се стабилни и еден пациент е со средно-тешка клиничка слика. И во болницата во Битола и во Штип се следат пациентите коишто се на домашно лекување.
„Денеска е потврден пациент којшто е вработен во лабораторијата на Универзитетската клиника за детски болести – позитивен на КОВИД-19 вирусот. Случајот е изолиран, епидемиолозите прават анализа. На четворица од единаесет вработени им е препорачана изолација. За време на работата за време на извршување на работните задачи користена е целосна заштитна опрема според протоколот“, информираше министерот.
Филипче информираше и за состојбата на најмалите дијагностицирани пациенти на Инфективната клиника, бебето на четири-месечна возраст и детето коешто има две и пол години, кои се стабилни и под постојан надзор на педијатар.
На прес-конференцијата, тој посочи дека во рамките на Министерството за здравство согласно уредбата на Владата завршена е постапката за набавка на респираторни машини.
Министерот информираше дека од девет економски оператори, два ги задоволуваа условите – во однос на рокот и критериумите. Еден дел од респираторните машини ќе стигнат во следните седум дена, а другите, од вкупно 31, во текот на следните 30 дена.
„Со ова, значајно ќе го дополниме капацитетот на респираторни машини во земјава, пред сѐ во институциите кои се предвидени за лекување на овие пациенти со КОВИД-19 вирусот“, рече Филипче.
Веќе е направен целосен распоред за активност преку матичните лекари во Дебар и околината на Дебар за начинот на скрининг на пациентите со антитела.
„Со оглед на тоа што таму е веќе фаза на епидемијата во којашто немаме новодијагностицирани пациенти сметаме дека ќе биде добар пример за тоа каква е состојбата на населението во смисла на евентуално стекнување на имунитет. И врз основа на тој репрезентативен примерок епидемиолозите ќе прават соодветни анализи и план за понатаму“, потенцираше министерот Филипче.
Во текот на вчерашниот ден завршен е увидот од страна на тимот на Институтот за судска медицина во Велес во врска со двете починати лица. Таму се стигнати дополнителни информации коишто ќе бидат земени во предвид кога ќе се прави финалниот извештај, а по изготвувањето ќе бидат презентирани во јавноста – во однос на времето на смртта, по наодот на позитивен брис на КОВИД-19.
Министерот Филипче најави дека во текот на утрешниот ден ќе се дискутира за барањето на родителите на деца со аутизам во однос на движењето во наредните денови, имајќи ја во предвид нивната потреба да се движат во различни делови на денот – поради тоа што тоа е чест дел и од нивната терапија. Согласно дискусијата и одлуката, за ова прашање ќе биде информирана јавноста во текот на утрешниот ден.