Финалето од футсал Купот на Македонија ќе се игра на 12 мај во Гостивар
Футсал екипите на Јувентус Серава и Гемиџии 1903 ќе се борат за првиот трофеј сезонава во Купот на Македонија. Пресметката на финалистите ќе се случува во спортската сала во Гостивар на 12. мај (сабота) со почеток во 19:30 часот.
Натпреварот во директен пренос ќе се емитува на ТВ платформата на ФФМ, tv.ffm.mk.
Двете екипи прв пат ќе се соочат во финале од Купот на Македонија. Јувентус Серава во полуфиналето ја совлада Шкендија, додека Гемиџии 1903 беа подобро во пресметката со Црна Река.
„Го посакуваме трофејот, се игра само еден натпревар и тоа носи дополнителна убавина на финалето. Се е можно до последната минута од дуелот и мораме да бидеме на максимално ниво доколку сакаме да победиме. Противникот може да биде опасен, а потврда за тоа е нивниот пласман во финалето. Можеби влегуваме како фаворити, но тоа мораме да го потврдиме и на теренот,“ – изјави Гафур Хасани, тренер на КМФ Јувентус Серава.
Претседателот на КМФ Гемиџии 1903, Томе Шескокалов се надева дека неговиот клуб може да го потврди резултатот од сезоната 2008/2009 кога Гемиџии славеа во Купот на Македонија.
„Иако годинава сме во втората лигашка конкуренција, сепак многу добро се познаваме со противникот, во минатото имаме неколку меѓусебни натпревари, но ова е различен натпревар. Финалето од Купот на Македонија е предизвик за сите, а нас ни е исклучително важно што ќе се бориме за трофејот. Го респектираме противникот, но јас се надевам дека ќе успееме да ја повториме сезоната 2008 кога нашиот тим славеше во ова натпреварување. Очекувам голема борба во фер и спортска атмосфера,“ – изјави Томе Шескокалов, претседател на КМФ Гемиџии 1903.