26/11/2024
Македонија

Финализираат реформите за полноправно членство на државата во НАТО

Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, вчера попладне одржа седница, со која претседаваше премиерот Зоран Заев.

На седницата, членовите на Комитетот, се информираа за статусот и напредокот на реформите на безбедносните служби. Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, информираше за интензитетот на активностите и системските решенија преземени за структуирање на новоформираната Агенција (АНБ), следејќи ги критериумите и стандардите на Северноатлантската Алијанса.

Во рамки на денешната седница, беа разгледани и начините за воспоставување на безбедносна комуникација со НАТО и беа разгледани можности за обезбедување просторно решение за постојаната мисија на нашата земја како полноправна членка на НАТО.

Во продолжение на седницата, членовите на Комитетот разговараа и за одделни прашања кои се однесуваат на остварување на дадената рамка за продолжување на домашните реформи, како и за текот на досегашната ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, од страна на земјите-членки.