26/11/2024
Охрид

Финална средба на Еразмус проектот за волонтеризам

Дека волонтерската работа е многу корисна, во сите нејзини аспекти, повторно се истакна на финалната, дводневна работна средба одржана неодамна во Охрид, каде здружението Ортет беше домаќин на партнерите од Еразмус проектот Train2Act од Норвешка, Франција, Грција и Турција.

  Волонтерските иницијативи имаат мултиплицирачки ефект ( Ripple Effect) врз целокупното општество, истакнаа партнерите од Норвешка низ неброени примери од нивната земја каде волонтеризмот е многу поразвиен поради поразвиена свест за општествено добро. Ним, од искуство им е многу јасно дека даденото се враќа во други форми и никогаш не е залудно. Домино ефект, исто како уште еден термин за ефектите на овие благородни потфати, било да се работи за сабирање хуманитарна помош, помош при елементарни непогоди, волонтерски обуки и едукација на одредени теми и др., означува дека навидум мали нешта покренуваат серија последователни настани и ги будат останатите членови на заедницата, ги прават поактивни, а таквото обединето општество станува катализатор на позитивни промени, порезилиентно на какви било непогоди да го задесат, поотпорно општество со позасилени врски и надополнување на вештини помеѓу членовите.

Волонтеризмот e само еден вид на социјален активизам кој претставува една од најефикасните форми на партиципација на граѓаните во процесите на развојот на заедницата, било да се лобира за ранливите групи и нивните права (случај со цистична фиброза и др.), организирање еко протести и демонстрации против градење на депонија (случајот во Општина Дебрца), афирмирајќи го она најплеменито во луѓето-слобода, еднакви можности, безбедност и правда за сите.

Беше истакната потреба од поорганизиран пристап и поддршка на овие иницијативи, особено за младите активисти кои се соочуваат со многу неодговорени прашања. Резултати на Train2Act проектот се токму во таа насока, нудат едукативни материјали на тема волонтеризам, а до нив може да се пристапи на следниот линк:

https://www.train2act.eu/projects-2/may-2024.-ohrid-final-tpm