23/11/2024
Охрид

Финишира реконструкцијата на улицата „Јане Сандански“

Денеска започна поставувањето на вториот асфлатен слој на коловозот на улицата „Јане Сандански“, со што целосно се комплетира реконструкцијата на една од најважните сообраќајници во Охрид, на потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улиците „Сирма Војвода“ и „Даме Груев“.

Во рамки на проектот, изврешена е комплетна промена на водоводната мрежа од азбесно-цементни цевки, која беше стара повеќе од 50 години. Со ова, конечно се надминаа долгогодишните проблеми на граѓаните кои живеат на овој потег од градот. Беше изведен нов цевковод во должина од 700 метри и две секундарни линии од двете страни на улицата со вкупна должина од 1200 метри. Поставена е и нова фекална канализација во должина од 400 метри со димензии Ф300.

Со средства од буџетот на Општина Охрид, беше извршено преприклучување на сите домаќинства на новите мрежи на водоводна и фекална канализација.

Освен уредување на коловозната површина, беа уредени тротоари и велосипедски патеки од двете страни на улицата. Изведени се локации за паркирање, две автобуски постојки и две локации за такси превозници. Поставено е ново улично осветлување, уредени се зелени површини и засаден е нов дрворед.

Целокупната инвестиција на Општина Охрид за улицата „Јане Сандански“ достигна околу 33 милиони денари.