23/11/2024
Македонија

ФИТР: За 30% зголемен бројот на апликации на вториот јавен повик „Стартапувај“

ФИТР: За 30% зголемен бројот на апликации на вториот јавен повик „Стартапувај“ – процесот на евалуација и селекција продолжува онлајн согласно препораките на Владата

Рекорден број 235 стартап компании аплицираа на вториот јавен повик “Стартапувај 2“, наменет  за кофинансирани грантови за новоосновани компании кој Фондот за иновации и технолошки развој го спроведува во соработка со Светска банка. Ова е за 30% повеќе во споредба со првиот повик наменет за поддршка на стартапи реализиран минатата година на кој беа пријавени 186 апликанти.

Овие компании од Фондот побаруваат околу 7 милиони евра што е 4.5 пати повеќе од предвидениот буџет за повикот кој изнесува 1,5 милиони евра.

Вкупниот обем на планирани инвестиции изнесува 9 милиони евра од кои над 2 милиони е влог на самите компании бидејќи Владата на Република Северна Македонија преку овој повик обезбедува поддршка до 85% во максимален износ до 30.000 евра, додека останатите 15% се средства на апликантите.

Фокусот на овој инструмент се младите, а целта е поттикнување на истражувачките и развојните процеси на нови бизниси.

Според првичните анализи компаниите планираат 660 нови вработувања за реализација на овие проекти. Најголем дел од нив се микро (208) и мали (27). Доминантен е ИТ секторот, но апликации има и од 14 други области, меѓу кои маркетинг, трговија и продажба, медицина и здравство, како и угостителство, земјоделство и образование. Позитивен тренд има и во зголемување на бројката на градови и општини во кои се регистрирани компаниите. Иако во најголем дел се од Скопје, апликантите доаѓаат од 30 градови и општини, меѓу кои и од Штип, Битола, Кавадарци, Струга, Тетово, Охрид, Неготино, Дебар, Кичево, Кратово, Крива Паланка, но и од Росоман, Сопиште, Босилово и Дебарца.

Во услови на засилени превентивни мерки за заштита од Ковид-19, а со цел непрекинато функционирање на процесот, процесот на евалуација и селекција продолжува онлајн и дигитализирано согласно препораките и мерките на Владата за справување со ширење на коронавирусот. Фондот ја започнува административна проверка на пристигнатите предлог апликации и во согласност со мерките за превенција, наместо апликантите ќе ги обезбеди потребните документи поврзани со институциите до кои има пристап (нпр. Централен регистар). Во однос на документите кои треба да се поднесат лично, во оваа фаза апликантите ќе бидат ослободени од оваа обврска и истите ќе биде овозможено да ги достават пред потпишување на договорите. Ваквото олеснување е со цел подобра заштита на граѓаните и користење на предноста на веќе воспоставените механизми во ФИТР за целосна дигитализација на процесот на аплицирање.

По фазата на административна проверка, следи претселекција која ја вршат домашни стручни лица. Финалните одлуки за финансирање ќе ги донесе Комитетот за одобруваање на инвестиции, составен од петмина странски експерти. Проектите ќе бидат оценувани според степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим, пазарен потенцијал и влијание.

Јавниот повик “Стартапувај 2“ беше објавен на 25.12.2019, а поради зголемениот интерес, особено од студенти и млади од целата држава, рокот за аплцирање беше продолжен до 15 март, 2020 година.