22/11/2024
Македонија

Формиран Национален совет за информатичка и компјутерска технологија кој ќе изготви и ќе ја имплементира Националната стратегија за ИКТ

Со денешниот прв состанок, стартуваше работата на Националниот совет за информатичка и компјутерска технологија (ИКТ). Со него ќе претседава Владимир Цветковиќ, советник за ИКТ на претседателот на Владата, а заменик претседател е министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Покрај нив, членови на овој совет се Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Венко Филипче, министер за здравство, Драган Тевдовски, министер за финансии, Билен Саљији, министер за правда, Рената Дескоска – Тренеска, министер за образование и наука, Петре Шилегов, претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Сашо Димитријоски, директор на Агенцијата за електронски комуникации.

Првата задача која што пред себе си ја поставија министрите и останатите членови на Националниот совет за ИКТ е да направат детална анализа на постојната состојба во однос на информатичко – компјутерската технологија во ресорите со кои раководат, но и анализа за нивните потреби.

Врз основа на податоците кои ќе ги даде анализата, Советот ќе изготви, а потоа и ќе ја следи имплементацијата на Националната ИКТ стратегија.

„Постои голема хаотичност, како во министерствата, така и во сите други институции. Оваа стратегија ќе дава јасни патокази каде грешиме и во од ќе можеме да ги решаваме проблемите“, истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Исто така, во наредниот период ќе биде формирана и Дигитална коалиција, во која што ќе учествуваат претставници на стопанските комори, академската заедница и граѓанското општество.