23/11/2024
Македонија

Формирана Националната платформа на експерти

Агенцијата за храна и ветеринарство ги избра експертите во научните панели на Националната платформа на експерти во рамки на Националниот совет за безбедност н храната. Во Националната платформа на експерти учествуваат стручни лица од факултетите, научно истражувачките институции и други научни и образовни институции, за чиј избор, врз основа на дефинирани критериуми во согласност со Правилникот за формата и содржината на барањето за вклучување на експерти во листата на Националната платформа, поблиските критериуми за избор и висината на надоместокот за работа на учесниците во Националната платформа, на 24.02.2020 година беше објавен Јавен повик, а чиј избор се одложи поради пандемијата со COVID-19 и вонредните мерки кои важеа на територијата на нашата држава.

Експертите во Научните панели се организирани во 10 стручни области од делокругот на работата на Националниот совет. Прашањата на кои ќе се дискутира во рамки на Панелите се од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните, биолошките опасности, контаминентите во синџирот на исхраната, за диететските производи, исхраната и алергиите, за адитивите и хранливите состојки додадени во храната. Проценка на ризик и подготовка на извештаи за одредени прашања од делокруг на работа на Советот ќе се врши и преку Панелите за средства за заштита на растенијата и нивни резидуи, за здравје на растенијата, за адитиви и производи или супстанции употребени во храната за животни, како и преку Панелите за материјали во контакт со храната, ензими, подобрувачи на вкус и технолошки помагала, вклучително и панелот за генетски модифицирани организми.