26/11/2024
Спорт

Фудбалерите добиваат премија за супер настапот против Ерменија

После одличната претстава и убедливата победа од 5:0 над Ерменија, а во пресрет на решавачкиот дуел за второто место против Исланд, каде со евентуална победа ќе обезбедиме историски пласман во бараж за пласман на Светското Првенство “Qatar 2022”, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини заедно со Управниот одбор донесоа одлука за исплата на парична награда за фудбалерите и стручниот штаб во А репрезентацијата на Македонија.

Репрезентативците и стручниот штаб веќе добија премија за добрите настапи на претходните три натпревари од мундијалските квалификации против Ерменија, Исланд и Романија, а со новата одлука за награда на фудбалерите се испраќа дополнителен мотив за победа во недела над Исланд во Скопје, со што би осигурале место во баражот за пласман на Светско првенство.

Управниот одбор и претседателот Сејдини го ценат успехот и на овој начин продолжуваат да даваат признание и да влијаат позитивно на понатамошната атмосферата во репрезентацијата. Овие резултати не се случајни, туку плод на повеќегодишна работа и стратегија. Среќни сме што на големите успеси со пласмани на Европско Првенство со репрезентацијата до 21 година и А репрезентација, сме блиску да додадеме и пласман во бараж за Светско првенство. Ова се многу значајни моменти за македонскиот фудбал, имаме нова шанса за историски резултат и се разбира дека ќе дадеме сѐ од себе за да ја искористиме. Фудбалерите и стручниот штаб на секој следен натпревар ја потврдуваат својата големина и навистина ни е драго што федерацијата тоа го вреднува и на ваков начин, иако за оваа репрезентативна група тоа никогаш не било најважно. За нас е значајно што имаме шанса за прв пат да се пласираме на Светско првенство, а уште повеќе што македонската репрезентација ја обединува целата држава”, изјави директорот на А репрезентацијата на Македонија, Дени Масев.