Гацева: Не е едноставно да се вброите меѓу уметниците на „Охридско лето“
Во црквата „Света Софија“ во Охрид, синоќа се одржа уште еден празник на уметноста што ќе се вброи во фестивалската историја на „Охридско лето“. Извонредните македонски пијанистки Ана Гацева и Татјана Џорлева и’ приредија на публиката незаборавен концерт со дела за четири раце на пијано од Дворжак, Равел и Сати.
„Мислам дека имавме убава вечер според реакциите на публиката. Ја чувствувавме нивната извонредна енергија којашто од дело во дело нè поддржуваше и се чувствуваше тој флуид. Аплаузите на крај, бисовите и на некој начин вознесеноста, ја потврдува мојата мисла, но и мислата на мојата колешка“, вели уметницата Ана Гацева.
Таа не настапува првпат на „Охридско лето“, и како што додава, секое нејзино музицирање во „Света Софија“, е посебна инспирација.
„Не е едноставно да се вброите меѓу уметниците на „Охридско лето“. Тоа треба да се заслужи, треба да се одработи и да се музицира на највисоко можно ниво. Затоа и поттикот е многу голем-да стоите рамо до рамо со сите овие уметници кои годинава се најдоа на програмата на „Охридско лето“. Мислам дека до крајот на фестивалот ќе имаме врвна програма благодарение на селекторите и на фестивалската дирекција,“ вели пијанистката Гацева.
За разликата помеѓу соло настапите и камерното музицирање таа смета дека е многу голема.
„За да се адаптира музичарот во симбиоза со друг уметник, треба да размислува поинаку. Да го заборави своето јас и во името на уметноста да се спои во нешто повисоко и поубаво. Тоа е камерното музицирање“, смета Гацева.
Двете пијанистки потекнуваат од една пијаниатичка школа а тоа се чувствуваше и синоќа, во звукот и во третманот на пијаното.
Маестралните Татјана Џорлева и Ана Гацева на вчерашниот концерт настапија со дела за четири раце на пијано од Дворжак, Равел и Сати, програма која што е доволно сериозна како што наликува на фестивалот „Охридско лето“, но и еднакво атрактивна за да ја привлече публиката, оние коишто се професионални, но и тие што беа во црквата „Света Софија“ заради уметничко задоволство.