ГДУ: Директорката на ЈП „Билјанини Извори“- Охрид мора да одговара за стореното дело!
Граѓанско демократската унија – Охрид денес одржа прес-конференција на која говореше претседателот на ГДУ – Охрид, Даниел Јорданоски.
„Измина една недела од нашето барање и очекување дека директорката на ЈП „Билјанини Извори“ ќе собере храброст и ќе си поднесе оставка, но не заради фактот дека ние од ГДУ ја бараме истата, туку поради фактот дека го прекршила Изборниот законик и нанесла голема штета врз својот вработен бркајќи го од работа.
На површина излегоа информациите за дејствието на директорката на денот на изборите, но не само информации туку и издржани факти, кои впрочем и самата ги потврди и ги окарактеризира како „пријателски“, иако е свесна дека не постои пријателски однос кога директорка бара од својот вработен да ја наведе својата сопруга да гласа. Дополнително, директорката, истиот човек го избркала од работа, знаејќи ја неговата состојба и оставајќи го неговото семејство без егзистенција.
Зарем е за оправдување ваквиот чекор?
Искрено не очекувавме да наидеме на разбирање и одговорност кај директорката, но се надевавме дека градоначалникот Константин Георгиевски, ќе се одважи и ќе го осуди овој настан и незаконско дејствие и во најмала рака институциите и надлежните органи ќе си ја завршат својата обврска.
Затоа уште еднаш го повикуваме градоначалникот и бараме негово произнесување по случајот и воедно го повикуваме да ја отстрани директорката од раководната функција, а со тоа и да си го обели образот. Во спротивно ќе се укаже дека и тој е дел од овие притисоци за време на изборите.
И за крај, ова ли е лицето на СДСМ кое ќе ги ослободеше граѓаните од стегите на ДПМНЕ и Гордана Јанкулоска која „влечеше за уши“? Ова ли е СДСМ кое ќе овозможеше живот за сите? И ова ли е СДСМ кое ќе ја внесе Македонија во ЕУ? Со вакво молчење и заштитување на огрешените пред законот, останувате исти како вашите претходници и апсолутно не се разликувате. Во истиот момент бараме да се преземат итни мерки и да се разреши директорката Гордана Јованоска и да биде санкционирана за стореното дело.
Ова е момент кога може да докажете дека се борите за правда и еднаквост пред законите.“ – истакна Јорданоски.