23/11/2024
Македонија

ГДУ: Инсистираме и апелираме на разум пред понеделничката лидерска средба

„Кога во државата во март месец имавме 29 заболени од корона вирусот се воведе полициски час. Два месеци подоцна со исто толкава бројка инфицирани со Ковид 19 власта излезе со датум за брзи избори. Па наредниот ден се премисли зошто сфати дека не оди заедно продолжување на вонредна состојба и гласање па го помести датумот за една недела. И само се лицитира со датуми, па се прават симулации како ќе изгледало, ќе се купувале пенкала за сите граѓани, изборниот ден ќе траел подолго. Па ако немало избори ќе се враќала политичката влада. Па каде е овде разумот?

Нема да не изненади сега во понеделник таканаречените „лидери“ и да предложат нов Талат Џафери. Како тргнале да се договараат сѐ може да се очекува.

Постојат сомнежи дека вонредната состојба се злоупотребува за носење на уредби кои не се во корист на граѓаните и стопанството, туку во полза на партијата на власт која ја користи кризата за поткупување на гласачи.

Предупредуваме дека сѐ што не е донесено со консензус, избрзано и без во прв план да биде интересот и здравјето на граѓаните ќе ја втурне Македонија во уште поголема криза.

Притоа сакаме да бидеме децидни дека кога и да се донесе одлука да се оди на избори, ГДУ е подготвено. Не се плашиме од избори туку подготвени сме да се бориме со аргументи против погрешните политики. Но притоа сме загрижени дека истите можат да бидат злоупотребени во вакви услови. Сметаме дека е потребна една посеопфатна анализа, а не само нафрлање на датуми и неразумни идеи.

Инсистираме и апелираме на разум пред понеделничката лидерска средба.“ – истакна Дарко Попоски, портпарол на Граѓанско Демократска Унија (ГДУ).