ГДУ: Непотребни се министерските позиции без ресор и таа функција треба да се укине
Граѓанско Демократската Унија – ГДУ испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Македонија има премногу функционери, а на власта не и паѓа на памет рационализација на јавните трошења.
Иако пред изборите СДСМ од позиција на опозиција ветуваше дека бројот на министерства ќе го намали од 26 на 20, не само што не го намалува, туку и бројот на министерства ќе го зголеми.
Сега Секретаријатот за Рамковен договор ќе го претворат во министерство за политички систем и односи со заедниците.
Предлагачите притоа ќе појаснат дека целта на министерството е да се надмине Рамковниот и сите заедници да бидат под едно министерство.
А кога ќе се надминат вработувањата по Рамковен договор? Уште колку време ќе ја лажете јавноста дека нешто се решава, а всушност во оваа држава рамковните административци се најпривилегирани.
Притоа чуму ни се толку министри без ресор? Кој од нив колку сработел и што?
Ова ли е одговорната влада за која се зборуваше пред изборите? Вака ли се грижите за парите на граѓаните, со отворање на нови министерства, полнење на кабинети?
Ние како партија укажуваме дека непотребни се министерските позиции без ресор и таа функција треба да се укине, но бараме и да се намали бројот на пратеници во Собранието.
Всушност тоа го ветуваше и актуелната владејачка партија во 2015 со „Визијата за Македонија“ – бројот на пратеници да се намали на 90 до 100, а министерства не повеќе од 20.“ – стои во соопштението од ГДУ.